Марјан Ристески од Конфедерацијата на Синдикални организации вели дека ќе има протести ако не биде повлечен Законот за извршување.
Ако не ги прифатат забелешките од синдикатите, ќе излезат на протести и овој пат се подготвени да одат до крај.
„Бараме да се повлече Законот, тогаш ни оставаат простор за преговарање, ако не, тогаш одиме на протести. Бараме да не’ повикаат на средба и да ги кажеме нашите забелешки. Ако не, ќе бидеме приморани да правиме протести“, рече Ристески во гостување на ТВ21.
Во емисијата гостуваше и Претседателката на Комората на извршители Весна Деловска, која изнесе мошне интересни примери за тоа со какви случаи се соочуваат извршителите и со какви апсурдни и сурови ситуации се соочуваат граѓаните.
„Човекот сите сметки си ги плаќал со задоцнување од некои 10-15 дена, и сега ангажиран е адвокат за секоја сметка поединечно, главниот долг е 37 денари, и покренати се 5 нотарски постапки, и имаме плаќање пет адвокати, и требаше пет предмети да заведам. За секој предмет ќе требаше да плати по 100 евра, значи околу 500 евра, за некои 200 денари кои требало да се наплатат“, рече Деловска. Таа рече дека одбила да го работи предметот.
Како што додаде, тоа е сурово кон граѓаните, а и самите извршители реагираат на ваквите апсурдни ситуации и апелираше со зборовите: „Дали е фер да се води постапка или може да се отпише (таквиот долг).
Сите ние добиваме сметки, но во ниту една не пишува „заостанат долг“, а граѓаните за долгот дознаваат дури кога ќе бидат дадени на извршител.
Деловска кажа дека во моментов има околу 2,5 милиони активни предмети кај извршителите, додека за 20 години се решени околу 1 милион предмети.
Ристески истакна дека „не е целта само да се протестира, туку да бидат успешни. Ете, на еден начин извршителите сфатиле, се надеваме дека ќе сфатат и адвокатите, нотарите… Но, и владата треба да сфати. Овојпат сме решени и какви потези ќе бидат повлечени, ќе бидете благовремено известени“.
Тој рече дека под итно ќе побараат средба со Претседателот на владата Христијан Мицкоски:
„Премиерот треба да смени луѓе кои се на раководни функции свесни за проблематиката со Законот за извршување, и да го смени министерот за правда“.
„Треба да дојде министер кој ќе слушне кој е проблемот со извршувањето. Овој проблем е со години наназад, а и извршителите се освестиле дека не е нешто во ред“, рече Ристески.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата