Криминалот и корупцијата во Македонија се на прво место и нивните креатори имаат име и презиме,Зоран Заев, Оливер Спасовски, СДСМ и цела криминална заевска булумента од Влада и правосудство, истакна на прес-конференција, Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, говорејќи за извештајот на Стејт Департментот на САД во кој се нотира за корупција и вмешаност на владини функционери.

Опозицијата обвини дека Македонија станала синоним за корупција и криминал.

Во извештајот на „Стејт департментот“ пишува: „Законите за борба против корупцијата повремено слабо се применуваат и со нив селективно се гонат критичари на власта и ситни прекршители. Има сериозни обвинувања за корупција во полицијата, судството и во многу други сектори. Многу компании кои работат во Македонија, вклучително и американски компании, ја посочуваат корупцијата како проблем во доделувањето на јавни тендери и во правосудството“, пренесе Арсовски.

Портпаролот на опозициската партија наведе дека наместо вистинските криминалци се гонат новинари кои што се критички настроени кон власта, и сите знаат за тендерите на Рашковски и милионските суми.

„Тендерите на фамилијата на власт се насекаде. Доволен пример и показател е РЕК Битола кој што е класичен пример за испумпување пари преку тендери од страна на фамилијата на власт. Знаете дека и за тоа има пријавен случај за рекет во МВР, и нормално стои и тапка во место некаде во фиока“, рече Арсовски.

Корупцијата во Македонија претходно ја потврди и Транспаренси интернешнал каде сме на 111 место, потсети Арсовски.

„Освен што сме најкорумпирани во Европа, МВР на Спасовски успеа да не изрезили во цел свет и со тоа што подели 215 официјални пасоши со украден идентитет на најголемите нарко босови, мафијаши, убијци, терористи во Европа и светот.Дополнително, за реформите во МВР доволно говори што кадар на СДСМ и Спасовски поставен за началник на полицијата во Прилеп кој го има на илјадници слики со СДСМ, односно со Оливер Спасовски и Зоран Заев, беше уапсен од страна на ДЕА во акција за сузбивање на трговија со дрога. Тоа доволно кажува дека мафијата има своја држава и дека власта и мафијата е едно исто. Исто така полицијата беше посочена од страна на обвинителството како причина за пробивање на акцијата Планина, во која требаше да се разбие еден од најголемите нарко картел во државата“, рече Арсовски.

 

makfax.com.mk