logo
logo
logo

Арачиново ВООПШТО НЕ НАПЛАЌА ДАНОК ЗА ИМОТ, а единствени добија 500.000 евра од владата

Vecer | 08.03.2021

Арачиново ВООПШТО НЕ НАПЛАЌА ДАНОК ЗА ИМОТ, а единствени добија 500.000 евра од владата

По многу години нагаѓање, конечно направена е анализа за тоа колку општините наплаќаат данок на имот на своите граѓани, пари од првостепена важност и за егизестенција на општината но, и на државата.

Голема бура во јавноста предизвика одлуката на владата, во декември минатата година, да и додели на општина Арачиново 500.000 евра неповратни средства за да се справеле успешно со корона вирусот. Бурата беше прдизвикана, пред се, затоа што 500.000 евра доби само Арачиново, но не и другите општини.

Општина Арачиново е единствената општина која воопшто не наплаќа данок на имот, покажа истражувањето на невладината организацијата Центар за граѓански комуникации за наплата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година.

Образложението од Општина Арачиново е дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение.

Не е јасно зошто Арчиново беше единствена општина која доби половина милион евра сред пандемија, кога владата нема купено ниту респиратори ни вакцини. Од објаснувањето на владата работата е уште по нејасна:

„Владата донесе одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во висина од 30.000.000 денари на Општина Арачиново, како еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради ковид-19 кризата“, соопшти тогаш Владата.

Од ова произлегува дека другите општини немале, и немаат потешкотии во справување со кризата, дека се полни со пари, а здравствената услуга им е навремена и располагаат со сите потребни услови.

Покрај Арачиново, најслаба наплата на данок на имот, според процентот на наплата за овие три години, има во општините: Тетово (55%), Липково (51%), Врапчиште (46%), Желино (42%), Гостивар (40%), Центар Жупа (36%), Долнени (34%), Студеничани (32%) и Маврово и Ростуше (27%).

Најдобар процент на наплата на овој данок имаат општините: Македонски Брод (97%), Ѓорче Петров (97%), Велес (97%), Зрновци (96%), Чешиново-Облешево (96%), Македонска Каменица (96%), Илинден (96%), Кавадарци (95%) и Аеродром (95%).

Во анализата е очебијно дека мали и сиромашни општини како Македонски Брод, Македонска Каменица или Чешиново Облешево максимално ја вршат својата даночна обврска за разлика од побогатите како Арачиново, Тетово, Липково, Гостивар или Студеничани.

Според вредноста на наплатениот данок на имот, најдобра наплата има Општина Центар, која просечно наплаќала по 2,3 милиони евра годишно.

Над милион евра годишно наплаќале уште: Карпош (2,07), Аеродром (1,37), Кисела Вода (1,33), Гази Баба (1,23), Охрид (1,05), Битола (1,02). Во дури 36 општини овие приходи се помали од 50.000 евра.

Десетте градски општини во Скопје, заедно, прибираат просечно по 10 милиони евра во годината.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk