Универзитетската професорка Мимоза Ристова смета дека лесно може да се открие дали синот на собранискиот спикер Талат Џафери, Барлет, дипломирал или не пред да се запише во Академијата на судии и обвинители.

„И што ако ги нема докуметите во Министерството за да се види дали малиот на Спикерот Џафери се запишал на Академијата за судии и обвинители пред да дипломира! Зарем доказите нема да ги најдете

1. На соодветниот фалултет/универзитет во книгата на дипломирани.

2. Во Академијата во евиденцијата за пријавени Конкурсот за пријавување, потоа запишани. За ова треба да постојан дестеина релевантни пишани траги.

И доста ви е ова за да се докаже евентуалниот криминал, и да се побара одговорност за СЕРИОЗНИ ЗЛОУПОТРЕБИ“, пишува Ристова

Како што веќе пишуваше Фактор, минатата недела се огласи и Министерството за правда во врска со случајот Барлет Џафери, син на собранискиот спикер Талат Џафери.

Ова следува откако Антикорупционерите на својата последна седница одлучија дека не можат да отворат предмет за случајот Барлет Џафери, бидејќи, како што наведоа, Министерството за правда не ја чувало документацијата.

„Во врска со случајот со Барлет Џафери кој го водеше Државната комисија за спречување на корупција, Ве информираме дека согласно евиденционата тетратка за положени кандидати што се води во Министерството за правда и е од трајна вредност, лицето Барлет Џафери има положено правосуден испит на 05.02.2015 година. Потписот за положен правосуден испит го ставил министерот за правда кој ја извршувал функцијата во 2015 година.

Во врска со наводите на ДКСК за немањето документација за положен правосуден испит на Џафери, Ве информираме дека согласно член 27 од Уредбата за канцелариско и архивско работење (“Службен весник на РМ”, бр.01/14), министерот за правда секоја година носи листа на документиран материјал со рокови за негово чување за потребите на Министерството за правда.

Во однос на рокот за чување на документацијата во Министерството за правда, досегашната пракса била документите на кандидатите односно барањата и другата пропратна документација на кандидатите за полагање правосуден испит да се чуваат една година“, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Оттаму додаваат дека со цел надминување на евентуалните можни злоупотреби околу полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда ја разгледа можноста за електронско пријавување на правосудниот испит преку Националниот портал Е-услуги. На тој начин кандидатите ќе ги поднесуваат своите документи по електронски пат, појаснуваат од ресорот на министерот Никола Тупанчевски.

Како што е познато, Државната комисија за спречување на корупција на својата 75. седница одлучи дека не може да се отвори предмет за случајот со Барлет Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чувало документацијата.

ДКСК утврди дека Барлет Џафери се здобил со право да полага правосуден испит, иако не бил дипломиран на Универзитетот, меѓутоа дека немаат услови за да го докажат тоа.