Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов и стручни лица од Агенцијата, неделава одржаа работни состаноци со министерот за локална самоуправа Златко Перински, градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. На состаноците се разговараше за неколку актуелни прашања од надлежност на АХВ и локалните самоуправи, за чие решавање е потребна заедничка соработка на институциите.
Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС и даваат целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на постоечкиот проблем и потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините.
-Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата по смртта, труповите на милениците да не се фрлаат заедно со комуналниот отпад, или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации за таа намена, за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија, рече на состанокот министерот Перински.
Претстои дефинирање на локации во општините за нивна изградба и планирање на инфраструктурата која треба таму да се изгради за да може тие целосно да се стават во функција на граѓаните, појасни Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата.
Во однос на решавање на актуелниот проблем со бездомните кучиња тој изрази подготвеност за поддршка и помош на АХВ преку вклучување и на општинските инспектори и општинските комунални редари во решавањето на актуелниот проблем со бездомните кучиња.
На состаноците акцент беше ставен и на предложените решенија за намалување на популацијата на бездомни животни преку воспоставување на систем на прифатилишта во секоја локална самоуправа, што наиде на поддршка и Перински и Ѓорѓиевски, со ветување дека и локалните самоуправи активно ќе се вклучат во имплементацијата на претстојните законски измени. Според Миланов, во предлог законските измени се веќе инкорпорирани забелешките и предлозите кои ги дадоа здруженијата за заштита и благосостојба на животните, а во предвид ќе се земат и предлозите на општините.
-Како одговорна институција и за здравстената заштита и благосостојбата на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе им излезе во пресрет на локалните самоуправи и ќе им помогне на општините во однос на решавање на техничките прашања при воспоставувањето на системот за контрола на популацијата бездомни кучиња, согласно можностите, надлежноста и овластувањата на АХВ – заклучи Директорот Миланов.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата