logo
logo
logo

СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ОДЛУЧУВА ЗА ДРЖАВЕН ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ

Vecer | 11.02.2026

СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ОДЛУЧУВА ЗА ДРЖАВЕН ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ

Советот на јавни обвинители за следната недела ја закажа седницата за давање мислење за пријавените кандидати на огласот за именување на нов јавен обвинител на Република Северна Македонија.

На дневен ред на 38. седница на Советот на јавни обвинители, закажана за вторник – 17 февруари 2026 година, е само една точка – давање мислење на Владата на РСМ по предлог за именување на Јавен обвинител на РСМ.

Советот на ЈО, согласно законските рокови, треба во рок од 15 дена да даде позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.

Владата на седница на 3 февруари донесе заклучок во однос на петте кандидати за јавен обвинител и во согласност со законските одредби, ги достави до Советот на јавните обвинители, откако Собранието, претходно ја информирало Владата за завршување на огласот за јавен обвинител и ја доставило листата со кандидати.

Собраниската прес-служба не ги открива имињата на кандидатите, но како што некои од пријавените и сами потврдија, станува збор за сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.

Еден од петтемина пријавени би требало да го наследи Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, а на негово место како в.д. државен јавен обвинител дојде обвинителката Тополова-Исајловска, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk