logo
logo
logo

Како документот на ЦИА го урна легитимитетот на Преспанскиот договор

Vecer | 06.03.2026

Како документот на ЦИА го урна легитимитетот на Преспанскиот договор

Информацијата од декласифицираниот документ на ЦИА: Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името, но Грција со умисла понудила коруптивен договор за тоа, за кој треба да се отвори истрага

Иако во 1992 година обидот за поткуп на Грција бил неуспешен поради одбивањето на тогашниот претседател на Македонија да го смени името Македонија, декласифицираните документи на ЦИА, според методот на правна аналогија (аргументум а симили), содржат елементи за постоење основани сомненија (кои во постапка треба да се подигнат на ниво на докази) за „сериозни финансиски замешателства од трети страни“ во врска со потпишувањето на Договорот од Преспа.

Доказите што ќе се прибават ќе треба да бидат изнесени пред надлежен меѓународен суд, при што треба да одговорат на прашањата: Дали она што не се успеа со коруптивен предлог од (тогашни) 100 милиони долари во 1992 година беше реализирано на идентичен начин три децении подоцна, на кој начин и од кого?

Со отворањето на процесот, кој треба да има и меѓународен и внатрешен карактер, треба да се докаже ништовност на Преспанскиот договор по силата на меѓународното и на внатрешното право и конечно да го затвориме тоа поглавје од историјата на Македонија, и од политички и од правен аспект

Интегритетот на меѓународните договори директно зависи од добрата волја и отсуството на корупција при нивното потпишување, но доколку се докаже дека постоеле притисоци или финансиски бенефиции, правната вредност на таквите акти станува во најмала рака спорна или целосно ништовна.

Дека ваквите коруптивни механизми не се само теоретска претпоставка, туку долгогодишна стратегија во спорот за името, потврдуваат и неодамна декласифицираните документи на американската централна разузнавачка служба (ЦИА). Имено, според документ на ЦИА од 6 ноември 1992 година, објавен во нивната дигитална библиотека (ФОИА) во јануари оваа година, уште на почетокот на независноста постоел обид за директно „купување“ на името.

Во извештајот јасно е наведено дека тогашниот претседател Киро Глигоров одбил понуда од грчки функционери во висина од 100 милиони долари финансиска помош, како услов за промена на името на државата.

Овој историски факт фрла сосема поинаква светлина врз актуелните информации од грчките медиуми за Преспанската спогодба.

Ако во 1992 година обидот за поткуп на Грција бил неуспешен поради одбивањето на тогашниот претседател на државата да го смени името Македонија, декласифицираните документи на ЦИА, според методот на правна аналогија (аргументум а симили), содржат елементи за постоење основани сомненија (кои во постапка треба да се подигнат на ниво на докази) за „сериозни финансиски замешателства од трети страни“ во врска со потпишувањето на Договорот од Преспа.

Доказите, кои ќе се прибават низ една сериозна меѓународна истрага, ќе треба да бидат изнесени пред надлежен меѓународен суд, при што треба да одговорат на прашањата: Дали она што не се успеа со коруптивен предлог од 100 милиони долари во 1992 година беше реализирано на идентичен начин три децении подоцна, на кој начин и од кого?

Со отворањето на процесот, кој треба да има и меѓународен и внатрешен карактер, треба да се докаже ништовност на Преспанскиот договор по силата на меѓународното и на внатрешното право и конечно да го затвориме тоа поглавје од историјата на Македонија, и од политички и од правен аспект.

Стратешки финансиски инженеринг за промена на името

Ако во 1992 година официјална Атина имала „буџет“ за купување на името, дали е наивно да се верува дека таа намера престанала со заминувањето на Глигоров од функцијата? Воопшто – не! Напротив. Постојат и други сведоштва (дури и лични на Глигоров во неговите мемоари) дека ваквите методи на поткуп заради потпишување меѓународен договор за промена на името продолжиле.

Во содржината на декласифицираниот документ на ЦИА се наведуваат и намера и обид на странска држава да понуди финансиска помош во контекст на решавање на спорот за името во нејзина полза. Ова не е само обичен запис на разузнавачка агенција туку е флагрантен доказ за постоење умисла кај странска држава да влезе во реализација на еден чин на изнуда на асиметричен договор преку директен поткуп на највисоко ниво.

Меѓународното право, конкретно Виенската конвенција, е децидно: „Секој договор потпишан под присила или преку корупција е ништовен“. Документот на ЦИА на некој начин на земјава ѝ дава „џокер во рака“ аргументирано да излезе пред надлежните меѓународни тела и да го докаже она за што досега само се шепотело. Според толкувањата што се појавија во јавноста, ваквите документи се наведуваат како доказ дека во спорот за името постоеле обиди за силно дипломатско и финансиско влијание.

Ова е моментот кога државата мора да се мобилизира. Ова е материјал за меѓународните судови, вклучително и Меѓународниот суд на правдата во Хаг, каде што еднаш веќе издвојувавме победа против Грција. Мораме да докажеме дека Преспанскиот договор е плод на серија коруптивни дејствија, а не на волјата на народот!

Сведоштва и во Грција, но треба сериозна меѓународна истрага

И не е само документот на ЦИА. Пред извесно време и грчкиот весник „То вима“ објави анализа во која беше посочена добро разработена шема на надворешно влијание врз политичките процеси во земјата, чија крајна цел била реализација на промената на името.

Врската меѓу Сорос, УСАИД и потпишувањето на Преспанската спогодба

Според овие истражувачки податоци објавени во грчкиот весник, „преку моќни фондации и странски агенции биле канализирани милионски суми наменети за две клучни фази, најпрво во период од неколку години преку странски грантови биле насочени околу пет милиони долари со цел слабеење на тогашните државни институции во Македонија и создавање вештачка криза, а потоа и инсталирање на ’флексибилна‘ власт што би била поприемчива за асиметричен договор“. Документираните наводи во анализата на „То вима“ укажуваат дека целата операција била внимателно планирана за да се обезбеди доаѓање на власт на субјекти што би прифатиле решение во стилот на Преспанската спогодба.

Само неколку месеци по промената на власта, започнаа преговорите, кои завршија со промена на името, потврдувајќи го сомнежот дека целиот процес не бил автентична волја, туку плод на претходно финансиран политички инженеринг.

Меѓународноправни експертски толкувања

Суверената волја на државата е апсолутен императив за валидноста на секој склучен акт

Експертите по меѓународно право се децидни, колку и да се говори за тоа дека Преспанската спогодба е завршена работа, по дефиниција ако се докаже дека таа е склучена врз основа на корупција, едноставно не е валидна.

Во меѓународниот правен поредок, суверената волја на државата е апсолутен императив за валидноста на секој склучен акт.

Темелниот документ што го регулира ова прашање, Виенската конвенција за договорно право (1969), јасно предвидува дека секој договор што е производ на дефект во изразувањето на таа волја е правно ништовен (null and void). Посебно внимание заслужуваат членовите 49, 50 и 51 од конвенцијата, кои таксативно ги наведуваат основите за поништување на еден договор.

Прво, корупцијата на претставникот на државата (член 50) е еден од најтешките облици на деформација на правниот процес. Доколку согласноста на една држава била изнудена преку директно или индиректно корумпирање на нејзините ополномоштени претставници од страна на друга држава или трети субјекти што дејствуваат во нејзин интерес, таквиот договор нема правна моќ.

Корупцијата го прави договорот „апсолутно ништовен“, што значи дека правните последици се бришат ab initio – како договорот никогаш да не постоел. Второ, прашањето на присила (членови 51 и 52), без разлика дали е физичка, политичка или економска, претставува флагрантно кршење на принципите на Повелбата на ОН. Договор што е производ на уцени или финансиски инженеринг со цел дестабилизација на една влада за да се изнуди потпис не е дипломатски компромис, туку правен деликт – велат експертите.

Според нив, постоењето на документирани индиции, како што се разузнавачки извештаи за понуди за поткуп или тајни фондови наменети за политички преврат, претставува релевантен доказен материјал пред Меѓународниот суд на правдата.

Во меѓународното право, докажаната умисла за корупција го урива легитимитетот на секој асиметричен договор. Државата што се наоѓа во таква позиција има не само право туку и обврска да поведе постапка за утврдување ништовност, бидејќи суверенитетот не е предмет на трговија.

Секој акт што е купен со пари или изнуден со притисок, порано или подоцна, се соочува со својата правна неодржливост пред меѓународната правда – заклучуваат експертите.

Пред кои тела Македонија може да ја оспори Преспанската спогодба?

Оспорувањето на меѓународен договор е комплексен правен процес бидејќи суверените држави се примарни актери во меѓународното право. Сепак, како што наведуваат познавачите на меѓународното право, постојат неколку клучни инстанци и правни механизми каде што може да се отвори прашањето за ништовност поради корупција, измама или присила.

Врз основа на Виенската конвенција за договорно право (членови 49, 50 и 51), тие телата и патиштата за дејствување се:

1. Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг, највисокото судско тело на Обединетите нации

Македонија веќе доби еден судски спор пред овој суд во 2011 година, а Грција ја игнорираше пресудата.

Сепак, земјава повторно може да поднесе тужба против Грција доколку постои спор околу толкувањето или валидноста на договорот. Имено, ако се докаже дека согласноста за Преспанскиот договор била изнудена преку корупција на државни претставници (член 50 од Виенската конвенција), МСП има надлежност да го прогласи договорот за ништовен.

2. Обединетите нации (Генерално собрание и Секретаријат)

Експертите понатаму посочуваат дека Преспанскиот договор е потпишан под покровителство на ОН и е регистриран во Секретаријатот на ОН, тој е дел од нивната архива, така што Македонија може официјално да го извести генералниот секретар на ОН дека го оспорува легитимитетот на договорот поради новооткриени докази за корупција и умисла (како документите на ЦИА). Правната комисија (Шеста комисија) на Генералното собрание на ОН се занимава со меѓународноправни прашања и може да иницира студии или препораки.

3. Специјални меѓународни арбитражи

Многу договори предвидуваат арбитражни комисии за решавање спорови. Доколку двете страни се согласат (или ако е предвидено во самиот договор), може да се формира ад хок меѓународен арбитражен трибунал што ќе ги испитува фактите за евентуален поткуп и ништовност на договорот.

4. Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП)

Иако ЕСЧП првенствено решава индивидуални човекови права, државите можат да поднесуваат т.н. меѓудржавни жалби. Македонија може да ја образложи основата за поднесокот пред ова тело така што ќе докаже дека коруптивниот договор довел до кршење на колективните права (на пример, правото на самоопределување или политички права), ова тело може да биде платформа за политички и правен притисок.

5. Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ)

Ова тело ја надгледува Конвенцијата на ОН против корупција (УНЦАЦ). Иако не може директно да поништи договор, ова тело може да спроведе меѓународна истрага за финансиските текови и за поткупот. Наодите од ваква истрага би биле клучен доказ во процесот пред Меѓународниот суд во Хаг.

За да биде успешно оспорувањето, експертите советуваат Македонија како држава да изгради „Правно досие за ништовност“, кое би содржело документирана умисла: извештаите на ЦИА за обидот во 1992 година (како доказ за методологијата на другата страна).

Финансиски докази: траги од пари или сведоштва за корупција при процесот во 2018 година. Политичка волја: Собранието на Македонија треба да донесе резолуција со која ќе ги задолжи институциите да го започнат овој процес.

Експертите констатираат дека меѓународното право ретко поништува договори откако тие веќе почнале да се применуваат („rebus sic stantibus“), но корупцијата е еден од ретките апсолутни основи за ништовност каде што не важи застареност доколку се докаже дека согласноста била криминално изнудена.

(Вечер.мк/Нова Македонија)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk