Законот за заштита од пушењето е еден од најбитните закони во Министерството за здравство од тие 15 што ги работевме и се надевам дека за две-три неделни ќе биде изгласан и ќе стане дел од нашиот здравствен екосистем во државата, бидејќи е многу битен за здравјето на нашите граѓани, изјави министерот во здравство во заминување Азир Алиу на брифингот со новинарите.
Со реконструкција на Владата, нов министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигирување.
‒ Првата фаза помина. Беше на усогласување со сите заинтересирани страни во државата. Втората фаза беше да помине на седница на Влада, веќе помина. Првото читање помина, второто читање веќе има неколку амандмани, мислам дека вкупно се осум. Треба да се разгледаат. Направивме експертска група којашто ќе ги чита и ќе ни дава експертско мислење за тие амандмани. Истите треба да се произнесе веќе новиот министер од наредната недела, за да може законот да помине, да ја помине и таа фаза и на пленарна седница да се изгласа. Се надевам дека за две-три недели ќе треба законот да биде дел од нашиот, нашиот законодавен екосистем во државата, бидејќи навистина е многу битен за здравјето на нашите граѓани, изјави Алиу.
Тој не сакаше да навлегува во детали, бидејќи е министер во заминување, но на брифингот кажа дека имал средба со новиот министер и го брифирал за сите отворени процеси, за сите процеси коишто се завршени.
‒ Најверојатно ќе треба од наредната недела да биде повеќе инволвиран во законот и да даде одговор на овие прашања, кажа Алиу.
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите. Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни.
Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
Во врска со извештаите за непотребно извршените кардиохируршки интервенции, рече дека тие со целиот материјал поминале на затворена седница на Владата и тука завршил процесот на Министерството за здравство.
Доставени се материјали до институциите. Ако има потреба од дополнителни информации, Министерството ќе ги даде – додаде Алиу.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата