Прашањето за воведување на институтот „Уставна жалба“ и евентуални уставни измени е чисто политичко прашање за кое е потребен консензус од 2/3 од пратениците, смета претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тој нагласи дека не поддржува парцијално отворање на највисокиот правен акт.
„Сензитивно прашање е ова. Штом ќе се отвори Уставот, секој сака да ја постигне својата политичка цел. Тоа може да доведе до правење поголем проблем отколку корист. Не мислам дека Уставот треба да се отвора ад-хок. Ако сакаме подлабока реформа, не треба да се отвора парцијално, туку преку поширока политичка и општествена дебата“, истакна Гаши.
Во однос на дебатите за примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, тој вели дека на тоа треба да се гледа и од политичка и од експертска димензија, без ништо да се пречекува „на нож“, но со фокус на основната улога на Судот.
Собранието работи максимално експедитивно на реформската агенда и досега нема застој во гласањето на законите што пристигнуваат во архивата, истакна на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието, Африм Гаши. Според него, брзината на процесот зависи од капацитетите на министерствата и комуникацијата со Европската комисија.
„Собранието работи експресно на реформската агенда. Процесот е посложен бидејќи министерствата ги изготвуваат законите, ги праќаат во ЕК на сугестии, па ги инкорпорираат забелешките пред да стигнат кај нас. Штом ќе се достават во Собранието, ние ги решаваме многу ефикасно“, изјави Гаши.
Тој додаде дека веќе се пристигнати два клучни закона – за Јавни обвинители и за Советот на јавни обвинители, кои веднаш ќе бидат процесуирани до пратениците. Гаши очекува до крајот на годината темпото на носење реформски закони дополнително да се засили.
Претседателот на Собранието изрази оптимизам дека долгогодишниот проблем со паркирањето околу законодавниот дом ќе биде решен до крајот на 2026 година. Веќе е објавена постапка за партерно уредување на катната гаража.
„Процедурата трае 30 дена. Ако сѐ биде во ред, очекуваме во мај да почнат работите на терен, а до крајот на годината објектот да биде во функција“, информираше Гаши.
На кадровски план, тој соопшти дека еден член за Судскиот совет е повлечен бидејќи комисијата констатирала дека не ги исполнува условите, поради што ќе биде распишан нов конкурс.
Исто така, на 8 април се очекува пратениците да одлучуваат за новите вицегувернери, додека предлог за нов уставен судија сѐ уште не е пристигнат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата