Сомнежите за наводна шпионска афера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за премиерот Христијан Мицкоски, потекнуваат од како што вели „шпионски талог на општеството“ структури кои во минатото се наоѓале во кабинетите на поранешните политичари, а Обвинителството на чело со обвинителот Ислам Абази создавал паника во јавноста дека нешто се случувало.
-Тоа се шпионски талог на општеството, структури од минатото кои што се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари, претседатели премиер итн. и тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства. Се разбира таму е Ислам Абази веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало. Јас не би коментирал овие глодари затоа што мислам дека треба да ги заборавиме – изјави Мицкоски на новинарско прашање за наводниот шпионски скандал во Вила Водно.
Неговата изјава доаѓа по објавата дека има сомнежи за шпионажа во Кабинетот на претседателката и дека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција води предистрага дека вработен во Кабинетот извлекувал податоци од компјутери во Кабинетот за да се утврди дали биле извлекувани податоци и предавани на странска разузнавачка служба.
Обвинителството за организиран криминал и корупција со месеци чекало одговори од Министерството за внатрешни работи, иако уште во декември минатата година била отворена предистражна постапка и биле преземени повеќе истражни дејствија, надлежната обвинителка која деновиве е во центарот на вниманието за случајот со мазутот, Катерина Коларевиќ, сѐ уште нема добиено конечни резултати од анализите на одземената компјутерска и телефонска опрема, ниту пак видео снимки од безбедносните камери во и околу кабинетот на претседателката.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата