logo
logo
logo

ВАЈЦ ПОБАРА ДА СЕ НАГРАДИ НАПРЕДОКОТ НА МАКЕДОНИЈА. „Неприфатливо е ЕУ да се меша во политичкиот систем на Македонија“

Vecer | 16.06.2026

ВАЈЦ ПОБАРА ДА СЕ НАГРАДИ НАПРЕДОКОТ НА МАКЕДОНИЈА. „Неприфатливо е ЕУ да се меша во политичкиот систем на Македонија“

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Томас Вајц во текот на дебатата за европската иднина на земјите од Западен Балкан се заложи за нејзино наградување за напредокот и за спроведените реформи.

Многу земји во регионот, а секако и Република Северна Македонија, покажаа напредок, спроведоа реформи, ова е видливо. Плаќањата се извршени кон земјата, постои динамика во оваа земја. Се работи на реформите што ги побаравме и ова треба да се награди. Можеби со делумна интеграција на пазарот и нашиот роаминг простор – рече тој.

Според Австриецот, целта е да не се изгуби мотивацијата во Македонија, додавајќи дека лично верува оти прашањата за идентитетот го растргнале регионот на Западен Балкан.

Рани се отворени и навистина е многу важно кога една од овие земји ќе постигне напредок и ќе има добри односи со своите соседи. Не ни треба повторно регион со етнички проблеми – рече Вајц.

Тој посебно ги револтираше бугарските европратеници со алузиите кон Бугарија и нејзиното соучесништвото со нацистичкиот режим во Втората светска војна.

– Инвестирањето во помирување и во добри билатерални односи не е лесно. На Австрија ѝ беа потребни 40 години за да признае дека била соучесник во нацистичкиот режим – рече Вајц.

Кај членовите на ЕП од Бугарија наиде на гнев неговото видување за идентитетските прашања.

Никогаш не би си дозволил да го доведам во прашање идентитетот на соседна земја. Исто како што не би си дозволил да го доведувам во прашање идентитетот на Бугарија, бидејќи таа беше под турска власт 500 години. Мора да бидеме свесни за реално остварливото градење добрососедски односи меѓу Република Северна Македонија и Бугарија. Имаме улога да го поддржиме градењето на овие добрососедски односи и да не ја занемариме темата – потенцира Вајц.

Тој предложи амандман за бришење на параграфот 73 од извештајот за Македонија, во кој се бара „реално остварливи резултати“ на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања според Вториот протокол.

Зад оваа навидум строго техничка постапка лежи политички маневар: ако амандманот биде усвоен, текстот нема конкретно да го спомене Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Според бугарските медиуми, бугарските европратеници имаат помалку од еден месец да ги мобилизираат големите европски семејства и да го одбранат местото на Вториот протокол во резолуцијата, со цел да го спречат Вајц да го истурка надвор од Извештајот за Македонија што на 6 јули ќе се најде на пленарна седница на Европскиот Парламент.

Во предметниот став се инсистира Заедничката историска комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, потпирајќи се исклучиво на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“, „во согласност со одредбите од Вториот протокол“. Терминот „заедничка историја“ е исто така присутен таму.

Во исто време, Вајц го остава ставот 71 недопрен, барем според јавно достапните информации, во кој важноста на Комисијата е наведена во многу поблага верзија и правилно е забележано дека самите историски толкувања не се дел од формалните критериуми за членство во ЕУ.

Антонио Танжер Кореја
Антонио Танжер Кореја

Неприфатливо е ЕУ да се меша во политичкиот систем на Македонија, смета европратеникот Кореја

Покрај известувачот за Македонија, Томас Вајц, во денешната дебата во Европскиот парламент за европската иднина на Западниот Балкан страстите во таборот на бугарските европратеници ги зовре и еден од известувачите за Македонија во сенка, Антонио Танжер Кореја.

Повеќето од овие земји порано беа многу поблиску до ЕУ. Наша е вината, поради тоа што ги напуштивме. Во однос на Република Северна Македонија, се согласувам дека ни е потребна во ЕУ, но нема потреба да се мешаме во нивниот политички систем и во нивната рамка. Тоа оди подалеку од Копенхашките критериуми, што не е прифатливо. Ова не е политика на проширување, туку ‘раздели па владеј’. Ние не се согласуваме со какво било мешање во овие земји“, рече Португалецот, а неговата изјава очигледно беше насочена против вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав.

Известувачите на Европскиот парламент за пет земји од Западен Балкан ги презентираа нацрт-резолуциите на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот во нивниот европски пат.

Извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Македонија и Црна Гора беа претставени од известувачите за време на денешната дебата на пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур. Во дебатата учествуваше и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, како и други европратеници кои претставуваат различни политички групи во Европскиот парламент.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk