Поранешниот директор на Царина, Стефан Богоев, излегува од притвор, бидејќи Кривичниот совет му ја прифати понудената гаранција од 55.000 евра.
-Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба со понудена гаранција на осомничениот С.Б., изјавена против решение на судија на претходна постапка од 04.06.2026 година со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, донесе решение со кое ЈА УВАЖИ жалбата и ја прифати понудената гаранција на осомничениот. Определената гаранција се состои од готови средства во износ од 55.000 евра, во денарска противвредност во корист на РС Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката, информираа од Кривичниот суд.
Од судот додаваат дека за Богоев се определени мерки на претпазливост, односно земен му е пасошот.
-Дополнително спрема обвинетиот се определуваат и мерки на претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 од ЗКП односно привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница.
Доколку осомничениот не се придржува на определената мерка на претпазливост, судот може да определи други построги мерки за обезбедување присуство, информираат од судот.
Богоев е осомничен во истрагата што ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и Управата за финансиска полиција, а која се однесува на сомнежи за злоупотреби во постапка за јавна набавка за одржување на хигиената на граничните премини и царинските терминали.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата