По увидот на автопатот Гостивар-Букојчани заменик претседателот на владата и министер за транспорт Александар Николоски одговараше на новинарски прашања за динамиката на изведба на градежните активности.
- Генерално би ги поделил во три дела. Првин тоа се бројните водови на кој што треба да се направи дислокација, по овој автопат поминува една од главните оптички врски за цела држава и тоа не само за интерна туку и за мегународна поврзаност на интернет комуникација. Мора да сме многу внимателни да не се случи прекин. Тука поминува еден од главните далноводи со што мора да внимаваме да не се прекине снабдувањето со електрична енергија во државата. Исто така на потегот Гостивар – Тетово поминува главниот канал за наводнување на Полог, на целото полошко поле. Тоа се сите работи кои треба да се дислоцираат за да се влезе во изградба на автопатот – рече вицепремиерот Николоски.
Вицепремиерот ги истакна и активностите кои треба да се правземат на делницата Гостивар-Букојчани.
- На оваа траса имаме почист терен, помалку објекти и помалку дислокации на терен, додека потешкиот дел е тоа што се работи на планина и треба да се заобиколи целиот дел на планината Букович. Тука градиме автопат, а не магистрален пат, каде што брзината во зависност од делницата треба да е помеѓу 90 и 130 километри на час – рече Николоски.
Тој истакна дека рокот на изведба треба да се пролонгира бидејќи претходната Влада 2 години не работела на проектот.
- Мораат да се компензираат тие две години изгубени со претходната Влада, каде ќе одиме со рок до декември 2029 година – потенцира Николоски..
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата