Апелацискиот суд во Скопје денеска ја почна јавната расправа на која ќе се разгледаат жалбите за доживотниот затвор на Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски кои од страна на првостепениот суд беа осудени за грабнување и свирепи убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Обвинителството се жали на тоа што таткото на Вања Ѓорчевска Александар, беше ослободен од обвинението дека помогнал при планирањето на грабнувањето на сопствената ќерка за што основниот суд смета дека нема докази.
Обвинителот Дарко Јакимовски ја образложи жалбата на Обвинителството за ослободителната пресуда на Александар Ѓорчевски. Тој смета дека Ѓорчевски има вина во грабнувањето на ќерката, а како доказ го наведе тоа што им кажувал како да се облечат тоа утро.
– Тој ја дал информацијата која не ја знаел никој освен помалата ќерка и сопругата – рече обвинителот, пренесе Република.мк.
Во своето образложение Јакимовски рече дека во пресудата нема анализа на доказите.
– Судот не утврдил дали е, дали не е поврзан Александар со кривичните дела. Обвинетиот Александар има клучна улога од првото, до второто дело. Сè до неделата во попладневните часови, одлука за грабнување на Вања нема. Токму кога е донесена одлуката, Палевски ги вика Манев и Видевски да дојдат во Скопје. Во моментот кога се во партијата, тогаш таткото им праќа порака на децата да се облечат небаре ќе одат на планина. Потоа однесувањето на Александар утредента. Тој повторувал: „Детето е грабнато и убиено“, по што се упатува па накај Качанички пат, по патеката на која што е однесена Вања во гепек. Па спомнува ‘да не е постар човек грабнувачот’.. И зошто ако не е виновен, мајката и сестрата на Вања се придружува на кривичниот прогон? Ништо од ова Судот не анализирал и не заклучил – рече Јакимовски.
На ова, бранителот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ рече дека првичната пресуда на судот е правилна и очекува Апелација тоа да го потврди.
Ѓорчевски на сево ова кратко одговори.
– Од оваа позиција во која се наоѓам како заложник немам што дa додадам – по што ја напушти судницата.
Кривичниот суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство на двете жртви.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Според првостепената пресуда, грабнувањето на 74-годишниот Панче Жежовски било за да го присилат да им го даде своето возило, за подоцна да го искористат за ново кривично дело – грабнувањето на Вања Ѓорчевска во Скопје.
Сите обвинети во текот на судскиот процес рекоа дека не се чувствуваат виновни и побараа ослободителна пресуда.
Само Влатко Кешишев изрази каење и рече дека имал грижа на совест што бил дел од групата, но дека не учествувал во планирањето и извршувањето на убиствата.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата