„Архивот не е само минато. Архивот е темел. Темел врз кој ја градиме сегашноста и врз кој ја проектираме иднината. Во неговите депоа, во неговите ракописи, во неговите документи, живее сведоштвото за нашите борби, за нашите победи, за нашите падови и повторни исправувања. Таму се наоѓаат и најсветлите страници од нашата историја, но и поуките кои нè направиле посилни“.
Вака вечерва порача премиерот Христијан Мицкоски на свечената академија по повод одбележување на 75-годишнината од основањето на Државниот архив.
Архивот, додаде тој, е институција која не е само чувар на документи, туку и чувар на нашата меморија, нашиот идентитет и нашата вистина.
– Денес одбележуваме 75 години од постоењето на Државниот архив. Седум и пол децении во кои се собира се чува и раскажува приказната за Македонија. Архивот не е само минато, Архивот е темелот. Темел врз кој ја градиме сегашноста и врз кој ја проектираме иднината – рече Мицкоски.
Во неговите депоа, неговите ракописи, во неговите документи, како што истакна премиерот, живее сведоштво за нашите борби, за нашите победи, за нашите падови и повторени исправувања.
– Таму се наоѓаат и најсветлите страници од нашата историја, но и поуките кои нè направиле посилни. Да се биде народ без архив подразбира да се биде народ без паметење, а народ без паметење е народ без иднина. Затоа оваа институција е многу повеќе од установа, таа е чувар на вистината. Таа е сведок на времето. Таа е мост меѓу генерациите. Во изминатите 75 години, Државниот архив успеа да собере и заштити огромно културно и историско богатство. Илјадници метри архивска граѓа, милиони документи, записи, фотографии, сведоштва. Секој од нив носи дел од мозаикот на нашата национална приказна – истакна премиерот Мицкоски.
Додаде дека со оглед на тоа што живееме во време на дигитална трансформација, време кога информациите патуваат со брзина на светлината, и архивите мора да чекорат напред, да се дигитализираат, да станат подостапни, да се отворат за јавноста, за научниците, за младите.
– Нашата држава поминала низ многу предизвици. Имало моменти кога се губеле траги, кога вистината била искривувана, кога идентитетот бил оспоруван. Токму затоа архивите се нашата најсилна одбрана, бидејќи тие не зборуваат со емоции. Тие зборуваат со факти, а фактите се најсилниот темел на една држава. Денес, кога градиме модерна европска Македонија, не смееме да заборавиме дека секој чекор напред мора да биде поткрепен со знаење за тоа кои сме и од каде доаѓаме – нагласи премиерот.
И затоа, потенцира тој, оваа годишнина не е само јубилеј туку потсетник дека сме должни да го чуваме она што сме го наследиле и да го пренесеме на идните генерации, да го чуваме јазикот, да ја чуваме културата и да ја чуваме вистината, бидејќи кога ја чуваме историјата, ја зачувуваме и иднината.
На одбележувањето на јубилејот под слоганот „Државен архив, столб на македонското битие“, се обрати и директорот на оваа институција Димитар Богески.
– Блаже Конески вели корените се тие што ја држат круната. Така и Државниот архив е чувар на македонските корени. Темелот врз кој се издигнува нашата државност и културна зрелост, столб на македонското битие. Во секој документ, во секој ракопис, во секоја фотографија е втиснато она што не го обликува како народ. Архивот е мост помеѓу минатото и иднината, место каде што корените не само што се чуваат, туку и се пренесуваат како сила и инспирација за новите генерации. Тој е живо сведоштво дека без корени нема круна. Државниот архив е повеќе од институција, тој е светилник на нашата иднина – рече во обраќањето на Академијата директорот Димитар Богески.
Денес, рече тој, кога сме пред редок и величествен јубилеј, седумдесет и пет години од постоењето на Државниот архив на Македонија, може да се каже дека седум ипол децении оваа институција не беше само чувар на депото на документи, туку и чувар на нашето минато, сведок на нашата сегашност и темел за иднината.
– Слоганот на јубилејот, не е само убава мисла, туку е суштината на нашата мисија. Архивот е столб затоа што ја поддржува нашата историска свест, нашата култура, зрелост и нашиот државен континуитет. Тоа е темелот што ги одржува врските меѓу генерациите. Мост помеѓу она што сме биле и што сакаме да станеме. Во него се изградени сите наши приказни, сите наши борби, сите наши успеси, сè што го прави нашето битие цврсто, препознатливо и трајно. Архивот е наша основа и наша сила. Доказ дека минатото не е заборавено, туку живо и присутно на секој чекор кон иднината – рече Богески.
Во оваа прилика тој им се заблагодари на вработените, затоа што, како што истакна, ниедна институција не може да биде силна без луѓе што стојат зад неа во случајов вработените, архивистите, конзерваторите, истражувачите, техничари, стручни соработници.
– Вие сте вистинското срце на архивот. Вашата работа е тивка, но огромна, невидлива, но присутна. Вие сте тие што го чувате сеќавањето на Македонија. Вие сте тие што секој ден ја штитите вистината од заборавот. Денес, повеќе од кога било, вработените се наш приоритет, затоа што без вас, не нема ни нас. Вашата посветеност е темелот врз кој стои оваа институција. Во секој обработен документ, во секој спасен лист, во секоја дигитализирана страница има дел од вашата љубов кон професијата и одговорност кон земјата. Вашата работа не се гледа, но затоа секогаш се чувствува – рече директорот на Државниот архив.

Мицкоски се осврна и на иднината на Архивот и притоа истакна дека нивната визија е јасна да се создаде архив кој ќе биде институција која преку масовна дигитализација, современо научни информациски системи и отворен пристап за истражувачи, ученици, студенти и граѓани, ќе ја обезбеди трајноста на државната меморија и нејзина достапност за идните генерации.
Богески истакна дека по повод овој јубилеј, претставуваат нова монографија, дело, кое, како што рече, не е само книга, туку е симбол на нашата зрелост, континуитет и визија.
– Оваа монографија е наш начин да ги доближиме богатите архивски ризници до јавноста. Ова е нашиот подарок за идните генерации. Доказ дека сме знаеле да чуваме, да градиме но и да оставиме трага. Монографијата претставува целосен преглед на дел од архивскиот материјал што го чува архивот. Документи од првостепено значење за историјата и културата на македонскиот народ и сите граѓани што живеат во Македонија – рече тој.
Во неа се вклучени се клучни историски моменти, како и сведоштва, кои, како што потенцира, ја отсликуваат културата на животот, архитектурата и секојдневниот живот низ вековите.
– Ова дело е повеќе од збирка документи. Ова е патување низ времето кое не се враќа кон нашите корени, но во исто време не нè потсетува на одговорностите што ги имаме кон иднината. Монографијата ја покажува моќта на архивското богатство и ја утврдува улогата на Архивот како чувар на националната меморија, со неа ја за=цврстуваме врската меѓу минатото и сегашноста и испраќаме порака дека нашата историја не е само споменик туку живо наследство кое постојано се обликува и не води напред.

Премиерот информираше дека во чест на јубилејот, се отвора и посебна јубилејна изложба „Ризница на постоењето од документ до историја“, која, рече, е прозорец кон нашето минато, можност граѓаните да го видат она што со децении се чува во тишината на депоата.
– Оваа изложба е доказ дека архивот не е затворен простор, туку отворено национално ризница, место каде што минатото станува живо, достапно и разбирливо. Изложбата вклучува важни документи од централниот дел на Државниот архив и неговите одделенија, кои зборуваат за културното и историското минато, како и за историјата на самата институција. Документите претставуваат еден вид времеплов кој не води наназад низ времето, дозволувајќи ни да ги почувствуваме неговите корени во нашата државност и култура.
Според него, изложбата го прикажува архивското богатство во полната сила на ракописи, акти, фотографии, карти и сведоштва што ја градат нашата колективна меморија. Со оваа изложба, архивата ги отвора своите врати пред јавноста, потсетувајќи нè дека секој документ е жив сведок на приказна, борба, надеж.
По повод јубилејот промовирана е и поштенска марка мал симбол со огромна вредност. Печат кој, како што истакна Богески, ќе патува низ целиот свет и ќе сведочи за нашата историја, култура и државност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата