Не се за чудење ваквите реакции кај малолетниците, со оглед на високиот степен на врсничко насилство. Сè повеќе има деца без љубов и емпатија, кои имаат потреба да се изживуваат врз некого. Кога ќе ги погледнеме статистиките за семејно насилство, каде што сме шампиони, ваквото поведение кај малолетниците воопшто не треба да нè чуди.
Тоа е директен ефект на нашата транзициска залутаност и бескрајната трка по пари. Бројот на фемициди – тема што сѐ уште е табу во многу средини – јасно покажува дека децата ни се наоѓаат на маргините на државните приоритети.
Тоа е само одраз на тоа како сме ги формирале. Какви монструми сме формирале, или поарно да кажам – сме одгледале. Општествен феномен што е уште еден стрес-тест за државата и за целото општество
Не, тоа не се нелегални имигранти што пустошат низ необележани државни територии и сеат страв и насилство, ниту, пак, се несреќни увезени работници што не можат да се интегрираат никаде, ниту, пак, бандити од некоја соседна земја.
Не. Не можеме да го насочиме прстот кон некој Пакистанец, Сириец или Авганистанец и да кажеме – ете тие напаѓаат, малтретираат, пљачкаат или убиваат по нашите улици. Не. За жал, денес (а и вчера и од пред некое време) тоа се нашите деца, кои станаа опасна појава, и кон нив го насочуваме прстот. Патоказ кон очајот и немоќта.
Тие се дел од фолклорот на македонската дистопија. Жртви на едно општество, кое одејќи по патеките на транзициите, кои воделе до Брисел, падна во амбис и се загуби некаде во понорот на бесчувствителноста, (не)верата, (не)вербата и смислата за (не)постоењето. Нема да кажам дека тие се главниот проблем, но секако дека се главните жртви. Ние возрасните, бабите и дедовците и мајките и татковците, ќе останеме публиката, или ќе ѝ ставиме крај на оваа гладијаторска претстава на отворено? Ќе останеме на истакнување на проблемот или ќе ги бараме неговите корења?
Уште еден важен стрес-тест за македонското општество. Затоа, немојте да мислите дека партиите се главните фаци во Македонија, фрлете ја таа маска-наказа од лицето на државата. Важни се луѓето, граѓаните, а секако децата, кои, да немате дилеми, во најголема мера се отфрлени во секоја смисла. Реков – на патеките на транзицијата залутавме, а притоа не ги држевме децата цврсто за раце.
Каде да ги бараме, каде ќе ги најдеме и какви ќе ги најдеме. Ги гледаме видеата со врсничко насилство, во Аеродром, Ѓорче, Штип, Тетово, гледаме како малолетници кршат детски игралишта наместо да се нишаат на нишалките. Ним им е тоа здодевно, глупаво, можеби и срамно?!… Сликите се ужасни и говорат повеќе отколку фразата врсничко насилство.
Овој општествен феномен не е нов. Децата од памтивек биле меѓу првите на списокот на жртви – мевце за војни (јаничари како еден пример), работна сила, фабричка снага за производство на брендирана стока на светски модни куќи (нека се засрамат тие скапалежини на капиталот), погодни за криминалци (Хондурас, Ел Салвадор, Бразил), дилери на дрога, питачи (Скопје врие од нив), собирачи на отпад…
Стивен Кинг во 1974 година ќе го напише краткиот расказ „Децата од пченките“, кој ќе стане култен текст за серија филмови со тој наслов. Станува збор за една надреална приказна, во основа хорор, каде што во главна улога се малолетници.
Дејствието се случува во некое местенце во Небраска, кое живее од и за пченката. Кога имало години пченката да не роди, тоа значи егзистенцијален проблем, кој на еден чуден начин го решава едно деветгодишно дете по име Исак. Му се приклучува Малахија, а потоа сите други деца. Култот е создаден. За да се спасат полињата со пченки – мора да падне крв, да се принесе жртва. И така почнува масакр – децата ги убиваат сите возрасни. Значи безмилосни и кон своите родители. И секој што ќе дојде во тоа гратче на хоророт ќе биде ликвидиран.
Од филмското платно да преминам на реалното платно – за проблемот со малолетниот криминал и врсничкото насилство. Многу општества се борат со овие појави, но не се успешни во тоа. Како сведок на висока стапка на малолетен криминал ќе го наведам градот Алис Спрингс во Северната Територија на Австралија.
Таму стапката на тој криминал ги надминува сите познати статистики и престапите се мерат понекогаш во минути. Пред мои очи провалија во изнајмениот џипот. Немаат страв од ништо и од никого. Австралиското општество со години се мобилизира и се обидува да го реши тамошниот проблем, кој дополнително е усложнет затоа што станува збор за Абориџини. Огромна е таа разлика ако се спореди, на пример, со малолетничкиот криминал во Голд Коуст, каде што малолетниците доаѓаат масовно на летен распуст и прават џумбус низ градот. Ние велиме – аздисани.
Од аздис го прават тоа. Имаат сѐ, можеби и повеќе отколку што им треба, а тие деца покажуваат дека и тоа е проблем. Во Алис Спрингс нема аздис, има сиромаштија. Таму се донесе целосна забрана за продажба на алкохол, воведен е полициски час, има засилени патроли. Криминалот малку ќе спласне, а потоа пак ќе заживее.
На Алис Спрингс паднале многу политички жртви, но упатените велат дека Австралија никогаш не дошла до коренот на проблемот. Тој влече историска вина (колонизација со намерно уништување на семејствата преку одземање на нивните деца, за да им било поарно??!!), но и сериозна дисфункционалност на семејствата.
Претходно наведов повеќе нивоа на насилство, но и дискриминација кон децата. Нивна злоупотреба затоа што мораме да ги знаеме разликите. На овие наши македонски видеа што опасно кружат во кибернетскиот простор (некој едноставно ужива да биде виден во „акција“) не гледаме сиромашни деца што удираат шлаканици или крвнички тепаат една осамена жртва.
Нееее! Гледаме аздис. Аздисани дечишта во толпа се опасна работа. Многу опасна. Можат да направат сѐ, а потоа за некого ќе биде предоцна. Тие „деца“ немаат милост, немаат емпатија, немаат нормални чувства, ниту, пак, некакви граници на морално поведение. Тие веќе се заминати или одлетани во друг свет, во друга реалност и само доаѓаат меѓу нас за да уловат нова жртва.
Јас, кој ја читал „Пеколниот портокал“ на Ентони Барџис како тинејџер, се сеќавам дека филмот снимен по тој роман во режија на Стенли Кјубрик беше забранет речиси во цел свет. Главниот лик Алекс беше цензуриран во тоа време, освен од „Ах тај ФЕСТ“ во Југославија. Дали јас денес препознавам меѓу овие насилни дечишта понекој Алекс? Ооо, да, да, но и гледам дека нема државна „цензура“ на тие ликови. Ќе речете – па донесовме во брза постапка нов закон за малолетнички криминал. Да, но дали е тоа доволно, дали е тој доволно добар и дали го фативме коренот. Допревме до коренот за да не го допреме дното? Каде се овде семејствата, драги мои комшии, пријатели, колеги…?
Ќе ви кажам каде се, само претходно нешто што треба да се знае. Како да препознаеме врсничко насилство? Неколку познати форми: вербално насилство, кое најчесто оди со навреди, исмејување, лаги за некој друг. Потоа физичко насилство – напади, удирање, клоцање, шлаканици, уништување лични предмети, па социјално исклучување, односно намерно изолирање затоа што тој, ете, не се вклопувал во одредена група.
И новото – кибернетско насилство, при што има вознемирување преку социјалните мрежи, но и објавување компромитирачки видеа. Дигитален линч. Секако државата и нејзините институции не можат на своите радари да фатат сѐ од ова, но затоа, пак, семејствата можат многу, па и да бидат поуспешни кога се во прашање образованието и заштитата на своите деца. Како родител лично сум бил вчудовиден од тоа да гледам како нашите деца растеле заедно уште од градинка, а некаде во основно училиште почнале сите овие форми на насилство.
Како реагираат родителите? Различно, но најчесто – моето дете никогаш не би го направило тоа! Моето дете не е такво! Но, ете, моето дете е клоцано од вашето дете и затоа заедно да го решиме проблемот. Тоа нивно дете што никогаш не би згазило ни на мравка си продолжува со својата мисија да шутира други личности.
Еден ден некој ќе го шутне него, тоа е така во животот, но зарем мора да биде така? Има родители што не можат да го видат тоа, но има и такви што не сакаат да го видат тоа. Има родители што не сакаат да соработуваат затоа што сметаат дека тие другите што „случајно“ се во иста клупа со неговото (а неговото е најважно) утре нема да бидат со него.
Тоа е сосема небитно за неговото дете, па зошто да се замара со туѓи ликови. На крајот, равенката што се пишува во училиштата, кога ќе заврши учебната година, е дека сите се исти. Исти петки, исто знаење, исто поведение. И така училиштата станале соучесници во оваа опасна арена на ништење на моралот и вредностите и стануваат фабрика за производство на личности без емпатија, без љубов и без чувство за заедништво и за споделување.
Не се за чудење ваквите реакции кај малолетниците, со оглед на високиот степен на врсничко насилство. Сè повеќе има деца без љубов и емпатија, кои имаат потреба да се изживуваат врз некого. Кога ќе ги погледнеме статистиките за семејно насилство, каде што сме шампиони, ваквото поведение кај малолетниците воопшто не треба да нè чуди. Тоа е директен ефект на нашата транзициска залутаност и бескрајната трка по пари. Бројот на фемициди – тема што сѐ уште е табу во многу средини – јасно покажува дека децата ни се наоѓаат на маргините на државните приоритети. Тоа е само одраз на тоа како сме ги формирале. Какви монструми сме формирале, или поарно да кажам – сме одгледале.
Јас како родител, но и како возрасен граѓанин и новинар, јавно прашувам – како е можно на едно место да се соберат триесетина тинејџери и да се изживуваат со некого. Како е можно тоа да не биде фатено на радарите што треба навреме да предупредат. Тоа значи само едно – ние такви радари немаме, а мора да има во секој поголем град, особено за Скопје.
И можеби како општество нема да дојдеме ни блиску до коренот на злото, но барем да се потрудиме да бараме решенија и одговори. Тоа можеме. Почетокот е секогаш дома, па потоа во градинките (слаба алка во образовниот систем), основните училишта, особено на почеток (рековме сите петкаши, без вистинска соработка во триаголникот дете, родител, училиште), а потоа… веќе е доцна.
Ако до тука не сме направиле личности, потоа ќе имаме работа со нешто друго. Да се прашаме – каде моето дете купило цигари, каде алкохол, каде и некоја дрога и од каде пари да го купи тоа? Каде е моето дете по 21 часот? Каде скита до полноќ и по полноќ, а е малолетно? И така, игнорирајќи ги овие прашања, за демек детето да уживало, дојдовме до овде каде што дојдовме. Одговорот што најчесто го слушам е – па баш ми е гајле и онака нема да живее овде?!
Не сум кренал раце, но навистина сум поразен како човек.
Христо Ивановски (Нова Македонија)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата