Најголемите корекции на пензиите во последната деценија се случија преку линеарното зголемување од вкупно 7.000 денари, реализирано во периодот од март 2024 до март 2026 година. Со овие покачувања, најмногу добија корисниците на пониски пензии, со што значително се намали разликата меѓу најниските и највисоките пензиски примања.
Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, најниската пензија во септември 2016 година изнесувала само 7.783 денари. Во август годинава најниската пензија достигна 20.888 денари, а со септемвриското усогласување од 3 проценти, таа се зголеми на околу 21.515 денари.
За споредба, просечната пензија во септември 2016 година била 13.106 денари, додека денес изнесува околу 28.891 денар.
Кај највисоките пензии, разликата е уште поизразена. Највисоката пензија во септември 2016 година изнесувала 38.394 денари, а со последното усогласување годинава се проценува на околу 97.162 денари.
Тоа значи дека за десет години минималната пензија се зголемила за 13.372 денари, или 176,4 проценти, просечната за 120,4 проценти, а максималната за 153,1 процент.
Линеарното зголемување го намали јазот
Клучна промена во последните две години беше токму линеарното зголемување. Во периодот од март 2024 до март 2026 година пензионерите добија вкупно 7.000 денари повеќе, независно од висината на пензијата.
Линеарното зголемување беше предвидено како мерка за подобрување на животниот стандард на пензионерите со најниски примања. Првично беше најавено зголемување од 5.000 денари, но износот беше зголемен и во согласност со движењето на трошоците за живот.
Во исто време, со законски измени редовните усогласувања на пензиите продолжија да се спроведуваат двапати годишно – во март и септември, според формула што ги зема предвид растот на просечната нето-плата и инфлацијата.
За разлика од процентуалното зголемување, при кое оние со повисоки пензии добиваат и поголем номинален износ, линеарното зголемување им носи ист износ на сите пензионери. Токму затоа неговиот ефект е најголем кај корисниците со најниски пензии.
Тоа се гледа и во односот меѓу најниската и највисоката пензија. Во 2016 година највисоката пензија била 4,93 пати поголема од најниската. Денес тој сооднос е намален на 4,52 пати.
Во последните десет години, покрај редовните законски усогласувања, имало вкупно шест линеарни зголемувања. Покрај последните зголемувања од вкупно 7.000 денари, во 2016 година пензиите биле зголемени за 650 денари, а во 2020 година за дополнителни 720 денари.
Пензиите растат, но платите растат побрзо
Сепак, споредбата со просечната плата покажува поинаква слика.
Во јули 2016 година просечната нето-плата изнесувала 22.334 денари, додека просечната пензија била 13.103 денари. Во јули годинава просечната плата достигнала 48.499 денари, а просечната пензија била 28.046 денари.
Пред десет години просечната пензија изнесувала 58,67 проценти од просечната плата. Во јули годинава нејзиното учество било 57,83 проценти.
Иако пензиите значително пораснале, растот на платите во изминатите десет години бил нешто побрз, па учеството на просечната пензија во просечната нето-плата благо се намалило.
Минималната пензија се доближи до минималната плата
Поголема промена се забележува кога најниската пензија ќе се спореди со минималната плата.
Во 2016 година минималната плата изнесувала 10.080 денари, а во текстилната и кожарската индустрија била 9.000 денари. Во истиот период најниската пензија била 7.783 денари, односно 77,2 проценти од минималната плата.
Денес минималната плата изнесува 26.047 денари, додека најниската пензија, по септемвриското усогласување, е околу 21.515 денари. Така, минималната пензија сега достигнува 82,6 проценти од минималната плата.
Во меѓувреме, бројот на пензионери исто така се зголемил. Во споредба со пред десет години, денес има 46.651 пензионер повеќе, што претставува раст од 15,4 проценти.
Бројките покажуваат дека пензиите во изминатата деценија значително се зголемиле, но најголемата промена во структурата на примањата дојде со линеарното зголемување од вкупно 7.000 денари, кое пропорционално им донесе поголем ефект на оние со најниски пензии и го намали јазот меѓу најниските и највисоките примања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата