Агенцијата за национална безбедност согласно своите надлежности презеде оперативно-технички и аналитички мерки и активности со цел идентификување на мотивите и непосредните извршители на обидот за опожарување на објектот на Еврејска заедница во Скопје.
Во таа насока од страна на Агенцијата се прибраа информации и беа идентификувани лица – најверојатни извршители и нивна логистичка мрежа, како и повеќе објекти во Скопје, кои според нашите индиции, како дел од радикална групација идеолошки надоврзани на глобалната мрежа на Исламска држава, непосредно по повикот на споменатата терористичка организација од почетокот на април, презедоа насилни активности.
Во соработка со ОЈО за ГОКК и МВР на 30.04.2026 г. беше спроведена акција за лишување од слобода на лица и претреси на објекти со цел ефектуирање на кривичен прогон и елиминирање на идни активности на терористичката групација.
АНБ останува посветена на планот на превентивно делување и попречување на ризици и закани по националната безбедност преку навремено обезбедување на информации и преземање на активности во соработка со други надлежни институции од земјава.

Седум лица се приведени во врска со обидот за опожарување на верскиот објект на Еврејската заедница во Скопје, што се случи на 12 април годинава, информираат безбедносните органи.
Лицата се приведени за време на вчерашната акција по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во која, по претходно обезбедени наредби, претресени се 13 локации на територија на Скопје. При претресите одземени се предмети и електронски уреди поврзани со кривичното дело.
„По наредба на јавен обвинител, лицата се задржани за понатамошна постапка, по што од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал е поднесена кривична пријава против А.Љ. (21) од Скопје поради основи на сомневање за сторено кривично дело ‘тероризам’ и А.Р. (38) од Скопје поради основи на сомневање за сторено кривично дело ‘тероризам’. Од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка притвор“, соопштија надлежните.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата