Во регионот на Крива Паланка во периодот што следува ќе влезат неколку стотици милиони евра инвестиции за проекти што ќе ја поврзат Македонија со соседите преку Коридорот 8, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, присуствуваше на пуштањето во употреба на реконструираната обиколница во Крива Паланка, дел од Коридорот 8.
– Овие проекти се додадена вредност и за граѓаните и за македонската економија – истакна премиерот.
Тој нагласи дека инвестициите во регионот ќе продолжат со третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и со нови зафати во патната инфраструктура.
– Очекуваме Крива Паланка да стане развиен град во кој луѓето ќе сакаат да останат и да го градат својот живот. Нашата цел е и оние што заминале во Западна Европа да видат перспектива и да се вратат дома – рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека Владата останува фокусирана на капиталните инвестиции, особено на патничкото, железничкото и енергетското поврзување на земјата преку коридорите 8 и 10.

Николоски: Ова е витален дел од Коридорот 8
Вицепремиерот Николоски оцени дека проектот е пример за одговорно работење и навремена реализација.
– Ова не е само обиколница околу Крива Паланка, туку витален дел од Коридорот 8. Минатиот јануари го пуштивме во употреба експресниот пат Крива Паланка – Страцин, а интензивно се работи и на модернизација на граничниот премин Деве Баир – изјави Николоски.
Според него, првата фаза од работите на преминот треба да заврши до јуни годинава, по што ќе следува проширување и целосна модернизација.
Трајановски: Патот е изработен по европски стандарди
Трајановски посочи дека обиколницата е долга 4,5 километри, со ширина на коловозот од 7,5 метри.
– Поставена е нова хоризонтална и вертикална сигнализација, еластична ограда според ЕУ-стандардите, реконструирани се два моста, а шест пропусти се исчистени и зајакнати. Патот овозможува побезбедно и посигурно возење – рече тој.
Изградбата ја реализираше АД „Гранит“, а надзорот го вршеа „Евроконсалтинг“ и „Диви“.
Проектот се спроведе преку Јавното претпријатие за државни патишта, а инвестицијата изнесува над 65,5 милиони денари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата