Децата и не знаат дека во Македонија, до пред десетина години, се знаеше што е и кога почнува зима со снег во Скопје од 15-30 сантиметри барем месец-два, и времето во пролет станува се поубаво веќе од крајот на март а во април се “разголуваме“ од зимската облека.
Сега не е веќе така. Во последниве десетина години снег во Скопје има се портеко, а и тој што доаѓа исчезнува по четири-пет дена. Пролетта е постудена од порано, а летата повеќе жешки. Така и ќе продолжи велат експертите. Нема да има јасни промени на времето а летата ќе бидат се почесто со долги жешки периоди.
Климатските промени одамна престанаа да бидат апстрактен глобален проблем и сè појасно се чувствуваат и во Македонија – преку повисоки температури, подолги сушни периоди, поинтензивни пожари, аерозагадување и деградација на природните ресурси.

Заедничката порака од научниците, универзитетските професори и граѓанскиот сектор е јасна: трендовите се загрижувачки.
Климатските промени и загадувањето: невидлива врска со директни последици
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, укажува дека поврзаноста меѓу климатските промени и аерозагадувањето сè уште е недоволно истражена, иако има директно влијание врз здравјето и квалитетот на животот.
Тој посочува дека голем проблем претставува и недостигот од официјално верифицирани и достапни податоци. Според него, тврдењето дека со помало греење автоматски ќе се намали загадувањето не е целосно точно, бидејќи летниот период носи свои специфични предизвици поврзани со високите температури, зголемената брзина на ветерот и сушните услови.
– Кога податоците ќе се разгледаат по грејна и негрејна сезона, односно по годишни времиња, се гледа дека температурите во летниот период покажуваат значително поизразен раст во споредба со зимскиот период.
Затоа, тврдењето дека со помало греење ќе се намали интензитетот на проблемите не е целосно точно, бидејќи летниот период носи свои специфични предизвици поврзани со високите температури. Слична состојба се забележува и кај брзината на ветерот, каде што зголемувањето е поизразено во летните месеци – вели Мираковски.
Иако податоците покажуваат значително намалување на концентрациите на ПМ10 во зимскиот период – за околу 50 проценти во последната деценија, благодарение на мерките како субвенции и промена на начините на греење, летниот период, според Мираковски, останува критичен.
– Иако има генерално подобрување, особено во зимските месеци, летниот период речиси и да не покажува напредок, а концентрациите остануваат високи. Иако има неколку години без надминување на старата годишна гранична вредност од 40 µg/m³, новите европски директиви ги намалуваат овие граници, што значи дека сè уште сме далеку од посакуваното ниво – нагласува тој.

Проф. д-р Владо Спиридонов, кој е и член на Советот за безбедност, климатските промени ги става во поширок геофизички и безбедносен контекст. Според него, денес живееме во антропоцен – геолошка епоха во која човекот е доминантен фактор во климатскиот систем.
– Просечната температура на планетата веќе е зголемена за околу 1,5 °C, а концентрациите на јаглерод диоксид од прединдустрискиот период до денес се зголемени за приближно 50 проценти.
Ова сериозно го нарушува енергетскиот биланс на Земјата и го прави климатскиот систем нестабилен. Клучниот проблем не е само порастот на температурата, туку и брзината на промената – околу 0,2 °C по деценија – објаснува Спиридонов.
Оваа динамика, вели тој, предизвикува повратни реакции во климатскиот систем и сè почести екстремни временски настани.
– Тие се манифестираат преку почести и поинтензивни суши, поплави, топлотни бранови и бури, но и преку промени во хидролошките, биолошките и јаглеродните циклуси, како и зголемена киселост на океаните – појаснува Спиридонов.
Од реакција кон превенција: технологијата постои, но недостига поддршка

Проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ – Скопје укажува дека современите технологии овозможуваат прецизно следење и предвидување на климатските промени и природните непогоди.
Неговите анализи покажуваат дека климатските промени во Македонија одамна ги надминале теоретските рамки. Преку моделирање на температурните трендови за периодите 1961–1990 и 1991–2020 година, утврдено е дека е надминат критичниот праг од 1,5 °C.
Како посебно алармантна ја издвојува состојбата во Скопје, каде што температурниот раст е јасно изразен во сите сезони.
Просечната температура за Скопје изнесувала 12,3 степени. Денес таа е околу 13,7 степени. Тоа е исклучително голема промена за релативно краток временски период и има сериозни импликации врз здравјето, урбаната средина и квалитетот на животот – истакнува климатологот Милевски.
Иако, како што појаснува, кај врнежите не се забележуваат драстични промени, температурните трендови, особено на повисоките надморски височини, се загрижувачки. Летните температури таму растат побрзо од очекуваното, што директно влијае врз снежната покривка и водните ресурси.
– На планините сè почесто гледаме намалено задржување на снегот и пократок снежен период. Тоа отвора сериозни прашања за оправданоста на изградбата на зимски туристички центри на локации каде снегот се задржува само еден или два месеца – предупредува Милевски.
Преку сателитските системи MODIS, Милевски развил и модели за појава и ширење на шумски пожари, кои покажуваат дека климатските услови сè повеќе одат во прилог на вакви екстреми.
– Само во 2024 и 2025 година беа зафатени навистина огромни површини. Анализите за подолг период покажуваат дека околу една четвртина од територијата на Македонија била погодена од пожари во последните 30 години, а во одредени подрачја тие се повторуваат повеќекратно – вели Милевски, посочувајќи на комбинацијата од антропогени фактори и климатски промени.

Според него, директно поврзано со климатските промени е и прашањето за водните ресурси.
– Сè уште ја сметаме водата за неисцрпен ресурс, но примерот со Преспанското Езеро покажува драстично намалување на нивото и влошување на квалитетот на водата во последните 30 години, со сериозни биолошки последици – нагласува Милевски.
Сите овие податоци, тој нагласува, се вградени и во студијата за климатските промени изработена за потребите на Просторниот план, каде што е развиен интегриран индекс на климатска ранливост.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата