logo
logo
logo

Гувернерот го бара тоа што го бараме сите. ОД ПРОВИЗИИ БАНКИТЕ ЛАНИ ЗЕМАЛЕ НАД 100 МИЛИОНИ ЕВРА!

Vecer | 03.06.2026

Гувернерот го бара тоа што го бараме сите. ОД ПРОВИЗИИ БАНКИТЕ ЛАНИ ЗЕМАЛЕ  НАД 100 МИЛИОНИ ЕВРА!

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески по една година повторно го актуелизираше прашањето за законски измени со кои ќе им се овозможат механизми за ограничување на банкарските провизии и подобра заштита на корисниците на платежните услуги.

Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Славески вели дека платниот промет е услуга што секојдневно ја користат граѓаните и компаниите, па оттука прашањето за висината на надоместоците заслужува поширока јавна и институционална дебата.

Народната банка без директна надлежност

„Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира провизиите што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања укажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка, по примерот на повеќе европски земји“, истакна Славески.

Тој додава дека во значителен број европски држави постојат механизми за ограничување на банкарските трошоци, кои обезбедуваат фер и предвидливи услови за граѓаните и компаниите.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, одговарајќи на новинарски прашања во однос на можноста да се ограничат банкарските провизии, денеска рече дека „надоместоците не се дел од законска материја, ниту некогаш биле“.

Реакции по зголемувањето на банкарските трошоци

Повикот на Славески доаѓа откако неколку банки најавија зголемување на провизиите за услугите во платниот промет, што предизвика негативни реакции во јавноста.

Особено загрижува што во повеќето случаи станува збор за двоцифрени процентуални зголемувања. Според гувернерот, во моментот не постојат оправдани економски причини за ваков потег.

Кои провизии треба да се намалат или укинат

Темата станува повторно актуелна откако Славески лани побара од банките да се намали надоместокот за одржување на сметка, да се укине наплата за електронско банкарство, и да се намали таксата за подигање готовина на банкомати. На ваквиот повик тогаш одговорија најголемите банки во земјата.

Идејата беше да се намалат надоместоците за одржување сметки за компании, да се укинат провизии за електронско и мобилно банкарство, како и надоместоци за интерни плаќања во рамки на една банка. Исто така, требаше значително да се намалат провизиите за меѓубанкарски плаќања (КИБС и МИПС), како и трошоците за подигање готовина од банкомати.

Дополнително, требаше да се намалат и провизиите што банките ги наплаќаат од трговците за прифаќање картички.

Според податоците од 2024 година, нето-приходите од надоместоци учествуваат со 18 проценти во вкупните нето-приходи на банките.

Колку изнесуваат банкарските провизии во пракса

Провизиите што ги наплаќаат банките значително варираат во зависност од услугата. Според онлајн калкулаторите, коишто прават споредба на провизиите коишто ги наплаќаат банките во земјава, за одржување на сметка, месечните трошоци се движат од 25 до 70 денари.

Кај електронското банкарство, дел од банките нудат бесплатни услуги, додека други наплаќаат од 15 до 80 денари. Разлики има и кај домашните плаќања – повеќето банки не наплаќаат провизии за трансфери во земјата, но кај некои тие изнесуваат околу 5 денари по трансакција. Кај меѓународните плаќања, пак, провизиите се значително повисоки и се движат од 60 до 620 денари, во зависност од банката и видот на услугата.

Во Европската Унија, провизиите за основни банкарски услуги се значително пониски. Во многу случаи подигање пари е бесплатно или под 1 евро, меѓубанкарските провизии се строго регулирани, а дигиталните услуги често не се наплатуваат.

Македонскиот банкарски сектор за 2024 година остварил вкупен профит од над 280 милиони евра. Приходите од провизии и од надоместоци изминатите години растат континуирано, па ако пред десет години изнесувале 68,8 милиони евра, во 2023 година достигнале до речиси 107 милиони евра.

Во Македонија има 13 банки.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk