logo
logo
logo

„Синдикатите ни ја одбија понудата да пораснат платите на административците за 8% годишно, или реален раст за 40% за 4 години“

Vecer | 27.01.2026

„Синдикатите ни ја одбија понудата да пораснат платите на административците за 8% годишно, или реален раст за 40% за 4 години“

„Секој има право да протестира“, вели Христијан Мицкоски претседател на Владата во денешното интервју во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 за најавените протести на дел од синдикалните организации.

Премиерот Мицкоски посочи дека тој нема ништо против повисоки примања, но смета дека целта на синдикатите е политичка пресметка, а не повисоки плати за работниците.

„Ги видов барањата, тоа не е нешто кое што е ново. Апсолутно јас сум секогаш за повисоки примања. Секој треба да добие повисоки примања, тука нема дилема ниту пак некој има спротивно мислење, но тоа кое што треба да се каже и да се погледне на вистината во очи е фактот дека неколкумина кој што се дел од водството на овој синдикат се апсолутно заробени од страна на одредени политички амбиции и политички фигури. И сето ова кое што таму го прават има таква задача, таква цел. Не е целта тука хумана, па сега они излегуваат и повикуваат на протести за да еве работниците добијат повисоки плати, туку напротив“, рече премиерот.

На прашањето дали смета дека утрешниот повик за протест на ССМ има политичка позадина, Мицкоски рече:

„Апсолутно, зар некој треба да има дилема на протест на синдикатите кој што е најавуван пред неколку недели, а се случува неколку дена по одржувањето на Конгрес на една политичка партија. Мислам дека тука не треба никој да има дилема.“

Мицкоски, вели дека раководството на ССМ смета дека со ваквиот начин ќе направат штета на Владата, но како што рече не станува збор за повисоки плати, туку станува збор за синдикално барање кое е заробено од политиката и одредени политичари од опозицијата.

„Тие сметат дека на овој начин ќе нанесат штета на Владата. Не е суштината повисоката плата на работниците, туку мислат дека ќе нанесат штета, бидејќи нивното претседателствување и начин на функционирање во синдикатот е од фамилијарна низа, еден на друг се пренесуваат. Еве погледнете да речеме родителите на дел од раководството на ССМ, каде биле порано претседатели, на кои синдикати, ќе ви стане јасно како функционира таа структура. Така што, апсолутно не станува збор за никакви права на работниците, не станува збор за било што кое што е поврзано со повисоки плати на работниците, туку станува збор за синдикално барање кое е заробено од политиката и одредени политичари од опозицијата“, дециден е Мицкоски.

Синдикатите ни ја одбија понудата да пораснат платите на административците за 8 посто годишно, или реален раст за 40 посто за 4 години

Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 говорејќи за барањата на синдикатите за повисоки плати откри дека по истиот принцип како што од самиот почеток на оваа Влада се потпишаа колективни договори со синдикатот во образованието и во здравството, се зголемија платите во МВР, Одбрана и се интервенираше во примањата на вработените во центрите за социјални работи, се водеа и преговори и за зголемување на платите на административните службеници за 8 посто годишно, или реален раст за 40 посто за 4 години, но истите преговори со репрезентативните синдикати пропаднале бидејќи, како што рече, некој бил политички заробен.

„Кога сето ова ќе се изанализира, повеќе од 90-тина проценти од вработените на коишто условно кажано им е работодавач Владата има колективен договор со Владата во период од четири години заклучно се 2028 година. Зошто 2028? Затоа што ние не сакавме да преземаме обврски за денот по нас. Ние сакавме кога ќе заврши мандатот на оваа Влада, до тука. Доколку ние бидеме следна Влада и потоа, тогаш ќе правиме нов колективен договор. И ни остана уште колективниот договор со административните службеници. Тоа се отприлика 7.700-7.800 вработени на коишто условно кажано Владата им е работодавач и тие се дел од тие административни службеници. Ние понудивме договор. Доаѓаа двата репрезентативни синдикати односно гранките на тие два репрезентативни синдиката доаѓаа и се договаравме. Нашиот последен предлог којшто го ставивме на маса кој беше? Платите на административните службеници, покрај тоа што законски мора да се зголемуваат согласно и пропорционално на зголемувањето на минималната плата, да се зголемуваат секоја година плус 8 проценти. Што значи тоа? Тоа значи да речеме, ако е 100 парички просечната плата на административните службеници, таа се зголемува за минималната плата износот, еве да речеме 2 илјади денари или 20 парички. Тогаш ќе биде 120 парички и ова се зголемува за 8 посто и така во 26-та, а истиот принцип и во 27-ма, истиот принцип во 28-ма или тоа би значело за 40% зголемени плати“, потенцираше Мицкоски.

Тој додаде дека единствениот услов на Владата се однесуваше на делот кај што ги регулира платите во општиот колективен договор потпишан од сегашното раководство на ССМ и поранешната министерка за социјална политика и труд кој е нејасно напишан и може да се толкува различно.

„Имавме еден услов. Општиот колективен договор, делот којшто ги регулира платите е нејасно напишан, потпишан од сегашното раководство на ССМ, од сегашниот претседател на ССМ со поранешната министерка во Министерството за социјална политика и труд, како што се викаше порано но, тој е истечен. Бидејќи, а сме се согласиле на тие состаноци и со нив дека тој дел е нејасен, може да се толкува и вака и така, да потпишеме колективни договори на ниво на гранка или на институции во коишто ќе кажеме дека тој дел на општиот колективен договор коишто ги регулира платите не важи. И така општиот колективен договор е истечен, за волја на вистината во преодните завршни одредби стои дека, до донесување на новиот и покрај тоа што овој општ колективен договор е истечен, останува во функција. Ние предложивме овој дел што ги регулира платите да речеме, не важи, туку ќе важи, новиот којшто им го понудивме, а во овие две-три години додека имаме колективен договор, оние беа задоволни од предлогот, беа задоволни од зголемувањето коешто требаше да следи, да преговараме нов општ колективен договор којшто ќе биде потоа некакво продолжение на тоа што сега ќе го договориме, од 2029 па натаму и на тој начин да го унифицираме добивањето на плати во делот на јавната управа. Тоа беше нашиот предлог, значи тие го прифатија ова, но не го прифатија овој дел во којшто ние бараме измена на општиот колективен договор. Зошто? Затоа што тука некој беше политички заробен, односно сакаше да нанесе штета“, потенцираше Мицкоски и додаде:

„Ова треба да го слушнат сите административни службеници, дека ние како Влада ова го нудиме и е на маса.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk