Под површината на секоја држава се наоѓа нејзината стратешки најважна природна инфраструктура, составена од подземни води, геотермален потенцијал и минерални суровини. Но, за државата сериозно да менаџира со нив, прво мора да располага со научно потврдени податоци. Токму тоа е суштината на новата постапка што ја започна Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кое преку јавен повик отворен до 31 јули бара субјект за почетни, проспекциски геолошки истражувања на металични суровини.
Во оваа фаза воопшто не се избира компанија што ќе отвора рудник, туку потенцијален изведувач на почетни истражувања со кои треба да се добие посовремена слика за минералниот потенцијал на поширок простор. Разликата е клучна бидејќи проспекцијата е само потрага по информација. Рудникот е индустриски проект кој во праксата може да се појави многу подоцна, и тоа само ако низ низа одделни и строги постапки се докажат економската оправданост и целосната еколошка прифатливост.

Современи методи и неинвазивни анализи наместо тешка механизација
Современата геолошка проспекција во најголем дел се одвива далеку од сликата што јавноста вообичаено ја поврзува со тешкото рударство. Таа започнува со анализа на архивски податоци, сателитски снимки и дигитални модели, по што следуваат теренски картирања и геофизички мерења. Геолозите земаат само ограничени и мали примероци од почва и карпи за лабораториско испитување, што значи дека најголем дел од овие методи се целосно неинвазивни.
При проспекцијата нема комерцијално откопување руда, постојани индустриски објекти, јаловишта или рударско производство. Од оваа активност не се создава производ за продажба, туку се создаваат исклучиво податоци. Значителен дел од недоразбирањето во јавноста произлегува од зборот „концесија“, кој често се толкува како препуштање на богатството. Во правна смисла, оваа концесија му овозможува на избраниот субјект само да прибере геолошки информации во определен рок, без никакво право за градење капацитети за преработка.
Државата мора да знае со што располага за да донесе суверена одлука
Вредноста на геолошките податоци има поширока општествена важност. Новите геолошки карти се неопходни при планирање патишта, железници, тунели и брани, како и за проценка на свлечишта и заштита на подземните води. Дури и кога програмата ја финансира приватен инвеститор кој го презема целиот финансиски ризик, добиените податоци задолжително влегуваат во националната геолошка база на државата.
Овој чекор е дел од поширок европски тренд, каде поради зелената транзиција и потребата од бакар, литиум и никел, Европа повторно го става акцентот на мапирањето на сопствените ресурси. Од Министерството за енергетика децидно нагласуваат дека заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните остануваат основни принципи. Да се знае не значи и да се експлоатира – државата може да утврди дека има минерален потенцијал, но сепак на крајот да одлучи дека тој простор има далеку повисока вредност за земјоделството, туризмот или водоснабдувањето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата