Филипче да престане да работи против македонските национални интереси. Венко Филипче не ги брани македонските позиции и македонските интереси, туку упорно ја застапува агендата која целосно им одговара на официјална Софија и на бугарските интереси, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„И покрај тоа што Македонија се соочува со постојани негирања на својот национален идентитет, јазик и историја, Филипче секојдневно настапува како портпарол на политиките на Бугарија кои бараат нови отстапки од македонска страна, без никакви гаранции и без никаква извесност за европската иднина на државата.
СДС и Венко Филипче не нудат визија, не нудат план и не нудат решенија. Единствената политика на СДС и Филипче е слепо прифаќање на сите барања кои доаѓаат однадвор, без притоа да покажат минимум достоинство и грижа за државните интереси“.
Филипче, додаваат од партијата на власт, продолжува да ја пласира истата реторика која со години ја слушаме од бугарските власти дека Македонија мора безусловно да попушта, а Бугарија не мора да направи ниту еден чекор кон почитување на македонскиот народ и неговите права.
Наместо, како што велат, да се бори за подобра преговарачка позиција на Македонија, Филипче упорно се бори за спас на сопствената политичка кариера.
„Токму затоа секој негов јавен настап е исполнет со истите пораки, истите флоскули и истите притисоци врз македонскиот народ.
Време е Венко Филипче да разбере дека Македонија нема да оди напред преку понижувања, уцени и национални отстапки. Македонија ќе оди напред само со политики кои ги штитат државните и националните интереси, а не со политики кои служат на туѓи агенди.
Граѓаните заслужуваат политичари кои ќе ја претставуваат Македонија, а не политичари како Филипче кои ќе ги оправдуваат позициите на другите држави“.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што потенцираат, останува цврсто посветена кон европскиот пат, но тој пат треба да биде базиран на принципи а самиот процес да е кредибилен и предвидлив
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата