Почна реализацијата на проектот за темелно чистење и уредување на коритото на реката Серава, како и за изградба на нова пешачка патека во општина Бутел, соопшти Град Скопје.
„Проектот опфаќа уредување на просторот покрај реката и изградба на пешачка патека во должина од 1.590 метри, наменета за прошетка, рекреација и за дружење на граѓаните. Долж патеката ќе биде поставено современо лед осветление, урбана опрема и нови клупи, а просторот ќе биде дополнително разубавен со ново зеленило“, соопшти градската власт.
На просторот ќе се изградат нови детски игралишта, со цел создавање безбеден и уреден простор за игра и рекреација на најмладите.
На почетокот на активностите присуствуваа градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски на Фејсбук објави дека по две децении темелно се чисти коритото на реката Серава и дека ова е еден од најзначајните и најбараните зафати за жителите на Бутел.
„Она што со години било само празно ветување, денес станува реалност. Со овој проект, просторот покрај Серава конечно ќе добие нов живот и нова вредност за граѓаните. Градиме средина во која граѓаните ќе се чувствуваат горди, безбедни и исполнети“, објави градоначалникот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата