Апелациониот суд Скопје информира на нејавна седница на 23.03.2026 година, донел решение со кое ја уважил жалбата на осудениот Наќе Георгиев од Скопје и решението на Основниот кривичен суд Скопје го преиначил така што осудениот се отпушта на 20.07.2026 година од издржување на казната затвор, под услов до истекот на условниот отпуст – 20.05.2027 година, да не стори ново кривично дело.
Решението на првостепениот суд е преиначено од страна на Апелациониот суд Скопје, така што осудениот наместо на 20.09.2026 година се отпушта на 20.07.2026 година. При одлучувањето судот ја имал предвид здравствената состојба на осудениот, како и позитивните резултати од процесот на ресоцијализација во текот на издржувањето на казната затвор.
За осудениот остануваат обврските согласно Законот за пробација, во спротивно судот ќе го отповика условниот отпуст.
Судијата Георгиев беше фатен како зема мито од 10.000 евра. Тој се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во предметот за примање мито од синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев за казна затвор од три години, како и забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во траење од три години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата