Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи соопшти дека активно постапува по две официјални наредби добиени од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – се вели во соопштение на МВР дистрибуирано до медиумите во врска со наводниот случај на шпионажа во кабинетот на шефот на државата.
Наредбите, издадени во февруари и март 2026 година, се однесуваат на детална анализа на електронски доказен материјал поврзан со конкретен случај. Во рамки на постапката, од страна на надлежните органи е извршена екстракција на податоци од одземена техничка опрема.
Од МВР информираат дека количината на дигитални докази е значителна, поради што нивната обработка бара подолг временски период и внимателна техничка анализа.
Според последните информации, процесот е во завршна фаза и се очекува во следниот период целиот обработен материјал да биде доставен до обвинителството за понатамошно постапување.
Институциите нагласуваат дека по финализирањето на анализата, јавноста ќе биде соодветно информирана за резултатите и понатамошниот тек на случајот.
„Во тек е анализа на сите електронски докази кои се екстрахирани од одземената опрема. Напоменуваме дека станува збор за поголема количина на електронски доказен материјал за кој е потребен поголем временски период“ – се вели во соопштението на МВР.
Претходно Обвинителството за организиран криминал и корупција потврди дека уште од декември лани води предистражна постапка за сомнежи за шпиунажа и недозволени активности во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Од ОЈО велат дека со месеци бараат анализи, видеоснимки и податоци од МВР, но дека досега немаат добиено повратни информации за резултатите од истрагата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата