Бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“, е опфатен со кривична пријава за кривичното дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидено во член 394-г од Кривичниот законик.
Според информациите од Агенцијата за национална безбедност, пријавата е поднесена по претходно обезбедени сознанија за активности насочени кон ширење пропаганда и поттикнување етничка и национална омраза. Постапката била реализирана во координација со Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство Скопје.
Од Обвинителството информираат дека осомничениот преку специјално креирана страница на социјалната мрежа Фејсбук објавувал содржини со кои се поттикнувала национална и етничка дискриминација.
Во рамки на истражните дејствија бил извршен претрес, при што бил одземен пропаганден материјал за кој постојат сомневања дека бил подготвен за дистрибуција на територијата на државата.
Надлежните институции соопштија дека истрагата е во тек и дека се преземаат дополнителни активности за целосно утврдување на фактите и околностите во случајот.
На македонската јавност Стојанов ѝ стана познат во 2021 година кога не му беше дозволено во Македонија да внесе “бугарски книги“ за етничките Бугари, во рамките на инцијативата на фондацијата, „Испрати бугарска книга за Македонија“. Тогаш реагираше и бугарското Министерство за надворешни работи, па на крај книгите влегоа во Македонија.

Антимакедонски објави – 30 евра да се учи бугарски јазик, налепници дека сме еден народ
Во низата антимакедонски објави на оваа фондација беше и кога Стојанов „се пофали“ и дека низ Скопје нејзини членови залепиле 10.000 налепниците на кои пишува дека сме биле еден народ со Бугарите. Давал 30 евра за деца да учат бугарски јазик. Фондацијата беше актуелна и со тоа што им дава по 30 евра на децата во Македонија за да учат бугарски јазик, литература и историја во рамки на он-лајн училишите, регистрирано во Бугарија и за кое не му треба дозвола во Македонија. Фондацијата беше во фокусот и со провокативното „чистење“ на споменици низ Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата