logo
logo
logo

ВКУПНО 632 МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ ПОБАРАЛЕ ЕВАКУАЦИЈА

Vecer | 04.03.2026

ВКУПНО 632 МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ ПОБАРАЛЕ ЕВАКУАЦИЈА

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека заклучно со денеска вкупно 632 македонски државјани побарале информации за евакуација од погодените региони на Блискиот Исток.

„Од нив, 136 лица се пријавени во Доха, додека бројката во Абу Даби континуирано се зголемува и во моментов изнесува околу 477 лица.

Во однос на македонските државјани во Израел, бројката останува непроменета. За дел од нив (вкупно 6 лица), со посредство на Министерството е завршена евакуацијата и тие одлучиле на сопствен трошок со комерцијални летови да заминат кон Скопје. Останатите шест лица, кои изразиле подготвеност за евакуација, во текот на денот ќе бидат транспортирани по копнен пат од Израел во Египет, со асистенција на дипломатско-конзуларните претставништва. Тие ќе бидат сместени на безбедна локација, во хотел на товар на државата, а се очекува во текот на утрешниот ден со владиниот авион безбедно да полетаат кон Скопје.

За македонските државјани во Обединетите Арапски Емирати и Катар, дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби, во координација со надлежните институции, е во фаза на финализирање на техничките и логистичките детали за организација на чартер-летови. Целта на Министерството е, во координација со властите во Обединетите Арапски Емирати и Катар, да обезбеди неколку чартер-летови за евакуација на пријавените лица.

Истовремено, нашите дипломатско-конзуларни претставништва прават и посебен план за евакуација на граѓаните кои се во Бахраин и Кувајт.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува во постојан контакт и целосно на располагање на македонските граѓани, како и во редовна координација со надлежните локални власти, со цел безбедно и навремено спроведување на евакуацијата.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони (Обединетите Арапаски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт), доколку сè уште не го сториле тоа, веднаш да контактираат со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или со СОС бројот на Министерството“ – се вели во соопштението на МНР.

МНР ја информира јавноста дека, согласно заклучок на Владата, е започната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови со цел обезбедување безбедна евакуација.„Имајќи ја предвид итноста и фактот дека безбедносната состојба тековно се менува, постапката ќе се спроведе согласно Законот за јавни набавки, со примена на скратени рокови предвидени за вакви ситуации.За реализација на оваа услуга се предвидени средства во износ до 60 милиони денари, обезбедени во Буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во зависност од конечниот број на пријавени македонски државјани и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат, можно е да биде искористен само дел од предвидениот износ“ – се вели во соопштението на МНР.

За дополнителни информации и помош, на располагање се:

СОС дежурен телефон (МНРНТ): 075/273-732

Амбасада на Република Северна Македонија во Доха Тел: +974 50 173 111

Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби Тел: +971 56 441 7532

Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив Тел: +972 54 500 8566

Тел: +972 54 967 0546

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk