Премиерот Христијан Мицкоски и неговиот српски колега Ѓуро Мацут денеска на средба разговарале за унапредување на билатералната соработка, регионалната стабилност и можностите за продлабочување на економските и институционалните врски меѓу двете земји.
– Во пријателска и конструктивна атмосфера разменивме мислења за актуелните предизвици и заедничките приоритети, со посебен акцент на јакнењето на регионалната поврзаност, инвестициите и соработката во области од заемен интерес. Ја потврдивме подготвеноста за понатамошно развивање на добрососедските односи и заедничка работа во насока на просперитет, стабилност и подобра иднина за граѓаните на двете држави, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук, по средбата.
Мицкоски со владина делегација е во посета на Србија, каде во Нови Сад попладнето се одржа свечена академија со која се одбележаа 80 години од населувањето на Македонците во Војводина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата