logo
logo
logo

УСТАВОТ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА - одговори Филков на прозивките од Сали за полагање правосуден испит на албански

Vecer | 09.02.2026

УСТАВОТ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА - одговори Филков на прозивките од Сали за полагање правосуден испит на албански

Почитуван вицепремиер Беким Сали,

Времето кога Уставот и законите се толкуваа според дневнополитички потреби, а не според нивната содржина, заврши со заминувањето на СДСМ–ДУИ од власт.

Оваа Влада нема намера да ја продолжи праксата на правен релативизам, институционален хаос и селективна примена на нормите.

Напротив, обврзани сме да воспоставиме јасни правила, правна сигурност и целосно почитување на уставниот поредок.

Токму затоа, во врска со изјавите на вицепремиерот Беким Сали за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, чувствувам обврска јавно, јасно и недвосмислено да реагирам, во интерес на Уставот, правниот поредок и институционалната сериозност на државата.

Првенствено, Уставот мора да се почитува и не смее да биде предмет на слободни и дневнополитички интерпретации.

Токму тоа го потенцирав и на последната средба за Реформската агенда.

Но, почитувањето на Уставот подразбира целосно, системско и доследно читање на уставните и законските одредби, а не нивно селективно вадење од контекст за краткорочни политички пораки.

Го разбирам вицепремиерот Беким Сали како стоматолог и како политичар кој допрва ја запознава материјата на европските интеграции и правосудните реформи.

Но, потенцирам: државата не функционира по принцип на лична проценка, професионален рефлекс или политички впечаток.

Одлуките не се носат по чувство, туку по Устав и закон.

Во правниот систем не постои категорија „има или нема волја“.

Постојат уставни норми, законски решенија и институционални процедури.

Сѐ друго е опасна поедноставеност што ја поткопува правната држава и ја враќа праксата на произволност, од која, за жал, Македонија скапо плати во минатото.

Имено, Министерството за правда ја разгледа петицијата поднесена од студентите во врска со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, при што внимателно беа анализирани сите релевантни уставни и законски одредби.

Законот за употреба на јазиците овозможува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во постапките пред институциите, но неговата примена не може да се разгледува изолирано од другите системски закони што го уредуваат функционирањето на правосудството. Правосудниот испит претставува клучен предуслов за влез во судството, јавното обвинителство, адвокатурата, нотаријатот и извршувањето, при што сите овие закони експлицитно предвидуваат услов за активно познавање на македонскиот јазик.

Полагањето на правосудниот испит на македонски јазик е во директна функција на проверка на таа јазична и стручна подготвеност, имајќи предвид дека сите постапки, одлуки и службени акти во правосудниот систем примарно се водат и донесуваат на македонски јазик и кирилско писмо, согласно Уставот и законите.

Согласно член 7 од Уставот на Република Северна Македонија (Амандман VI), на целата територија на Републиката и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Уставната одредба јасно утврдува дека употребата на друг службен јазик е дозволена под услови и на начин утврден со Устав и закон, без притоа да се дерогира уставната позиција на македонскиот јазик како примарен службен јазик. Дополнително, Законот за правосудниот испит не содржи одредби за полагање на правосудниот испит на друг јазик освен македонскиот јазик.

Согласно член 1 став (1) од Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 7/19), на целата територија на Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Според став (2) од истиот член, друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албанскиот јазик), исто така е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.

Во согласност со правото на граѓаните да употребуваат кој било од службените јазици во судските, управните, извршните, предистражните и истражните постапки, како и во кривичните, прекршочните, парничните и вонпарничните постапки и постапките за извршување санкции, судовите и другите надлежни институции се обврзани да обезбедат нивна употреба, согласно закон.

За Законот за употреба на јазиците се произнесе и Венецијанската комисија, а во моментов пред Уставниот суд се поднесени 13 иницијативи за оценување на уставноста и законитоста. Комисијата укажа на повеќе нејаснотии во однос на значењето и опсегот на Законот, што дополнително ја отежнува неговата примена, и препорача повторно разгледување, особено во делот на двојазичноста во судските постапки.

Затоа, тезата дека Министерството за правда „нема аргументи“ е неточна и политички мотивирана. Аргументите се јасни, уставни и законски. Она што недостасува во изјавите на вицепремиерот е почит кон правниот систем како целина.

На крај, дозволете ми да упатам порака до г. Сали.

Почитуван колега, Уставот не е тема за телевизиски емисии, ниту алатка за политички наративи, а правосудството не смее да биде заложник на ничија агенда.

Оваа Влада има цел да воспостави ред по години институционален распад, да спроведе реформи, а не да произведува конфликти. Кој сака политика, нека ја води на избори, но кој носи функција во правна држава, мора да ги почитува Уставот и законите.

Сѐ друго е притисок. И тоа нема да помине.“ наведува министерот за правда Игор Филков како одговор до вицепремиерот Беким Сали.

Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, во емисијата „Клик Плус“, зборувајќи за барањето на студентите правосудниот испит да се полага и на албански јазик, истакна дека правата загарантирани со Уставот нема потреба да се повторуваат во секој закон или правилник, бидејќи тие треба автоматски да се применуваат од институциите.

„Ние велиме дека Уставот мора да се почитува и дека нема потреба во секој закон или во правилниците на различни институции да се запишува истото, бидејќи ако нешто е запишано во Уставот, тоа автоматски се инкорпорира во понатамошната практика на институциите. На ова ќе инсистираме и студентите ќе ја имаат нашата максимална поддршка“, рече Сали.

Сали соопшти дека имал комуникација со министерот за правда, но дека од негова страна немало разбирање. Тој нагласи дека барањето на студентите има уставна основа и дека одбивањето не е поради недостиг на правни аргументи, туку поради недостиг на волја.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk