Правдата победи – но, борбата за правична држава продолжува. По долгите судски процеси, судовите утврдија дека одземањето на безбедносниот сертификат и моето отпуштање биле незаконски, дека целата конструкција била неправична и политички мотивирана, а против сторителите е поднесена кривична пријава за злоупотреба на институциите, за која очекувам институциите да постапат, а сторителите да одговараат, објави поранешниот министер за внатрешни работи и поранешен директор на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев.
Чулев, во објава на својот профил на Фејсбук, нагласува дека се обраќа „пред сè како човек и родител кој помина низ години на понижување, клевети и неправда“.
‒ Со години бев цел на организирана кампања на дезинформации и политички прогон од претходната власт. Незаконски ми беше одземен безбедносниот сертификат и незаконски бев отпуштен од работа. По долга и исцрпувачка борба, судовите во Македонија тоа јасно го утврдија и го запишаа во своите пресуди, нагласува Чулев.
Тоа, посочува Чулев, беа години на јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз моето семејство и моите деца.
‒ Човек кој речиси 25 години чесно служел во безбедноста на државата и соработувал со меѓународни партнери, одеднаш беше прогласен за „безбедносен ризик“ – не поради дело, туку поради политичка одлука и затоа што јавно зборував за корупцијата и аномалиите во системот. Ќе бидам искрен – тоа беше период кога човек лесно може да се скрши. Неправедни обвинувања, закани и нехумани притисоци, рушење на угледот и болката кога твоите деца трпат за нешто за што не се виновни, се исклучително тешки. Но, правдата, колку и да е бавна, со вера и истрајност, сепак доаѓа, пишува Чулев.
Оваа објава, нагласува тој, не ја пишувам за освета, ниту за саморекламирање, туку за вистината да биде јавно запишана.
‒ Да се знае дека човек може да биде понижен, но не мора да биде скршен; дека може незаконски да му се одземе работната позиција, но не и достоинството, искуството и знаењето; и дека вистината, иако привремено сокриена, секогаш излегува на виделина. Ова не е само моја приказна. Многу луѓе и денес водат битки по судови за да ја докажат својата невиност и да ја вратат честа и професионалниот интегритет. Тоа е симптом на поширок проблем – политички прогон и злоупотреба на институциите кои ја разоруваат довербата во државата и ги уништуваат семејствата, нагласува Чулев.
Чулев, јавно им заблагодарува на семејство, на пријателите, сограѓаните и меѓународните партнери кои не поверуваа во лагите, како и на сите кои, како што вели „ме поддржаа – јавно или тивко, тогаш кога беше најтешко“.
‒ Ќе продолжам да се борам за општество во кое никој нема да биде гонет затоа што мисли поинаку, во кое институциите нема да бидат алатка за политички прогон и во кое честа, професионалноста и интересите на Македонија ќе бидат пред сè, нагласува Чулев.
Наќе Чулев е поранешен министер за внатрешни работи. Тој на оваа функција стапи по изборот на новата техничка влада на 3 јануари 2020 и на должноста е до 25 јули 2020 година. Чулев беше директор на Агенцијата за разузнавање од март 2013 до март 2017 година, а од 2017 до 2019 генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата