Мора да се почне со имплементацијата на проектот „Безбеден град“, ќе ги решаваме сите проблеми, кои ќе произлезат во иднина. Мора да почнеме имаме 145 жртви, истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на собраниската говорница во одговор на прашање од пратеникот Илир Хасани од Европски фронт, кој воедно како лекар-траумотолог даде поддршка за имплементација на овој проект, со неколку забелешки, кои ги имаат упатено граѓаните.
Тошковски истакна дека се согласува со пратеникот Хасани дека доцна се почнува со овој проект, за да се заштитат животите и здравјето на сите учесници во сообраќајот.
– Се согласувам во делот со критиката дека касно го почнуваме овој проект. Апсолутно се согласувам, заради тоа што компаративно гледано, скоро секоја земја членка на ЕУ веќе длабоко го има имплементирано, која пред десет, која пред 15, па и повеќе години, а ние касниме. Но, не касниме месец- два, касниме да речам едно најмалку десет години, во имплементацијата на овој систем, рече Тошковски.
Министерот за внатрешни работи потенцираше дека за овој тест период од 15-16 дена, од страна на лекарите е констатирано дека е намален бројот на лицата со тешки телесни повреди кои учествувале во сообраќајните несреќи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата