Почнуваме со изградба на брзата пруга на македонскиот дел од Коридорот 10 - проект што ќе ја промени реалноста во регионот и за превоз на патници и стока - рече заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“, што се одржува денеска во Солун.
Николоски, во дискусијата на панелот „Остварување на проширувањето на ТЕН-Т: Приоритети на инфраструктурата и инвестициски предизвици во Западен Балкан“, потенцира дека Коридорот 10 е најважниот економски коридор во Европа. Самитот, оцени, е порака дека Коридорот 10 ќе го градат сите земји на кои им припаѓа и ќе стане економски најзначаен во Европа.
- Ја поврзува Европа целосно од пристаништето Пиреј во Атина, па сè до Хелсинки во Финска, а ако го користиме паметно, можеме целосно да ја промениме економијата во Југоисточна и Централна Европа. Ако бродовите се закотват овде во Солун или во пристаништето Пиреј во Атина, тоа е за 21 до 22 дена пократко отколку закотвувањето во Хамбург, Антверпен или каде било во северните пристаништа. Единствената причина зошто ова не се случува толку многу и толку често е затоа што е потребна поддршка, особено за железничката инфраструктура. И тука почетокот е добар. Веќе има брза железница меѓу Атина и Солун. Белград - Будимпешта е веќе завршена. Нашите колеги од Србија работат на делницата Белград - Ниш. Она што недостига е делот меѓу Ниш, Скопје и Солун. Од наша страна почнавме многу амбициозна програма - изградба на брза железница на целиот Коридор 10, од границата со Србија до границата со Грција - рече Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата