logo
logo
logo

ЗНАМ: Признанието од ЕУ е мотив, но заштитата на идентитетот останува наша црвена линија

Vecer | 04.06.2026

ЗНАМ: Признанието од ЕУ е мотив, но заштитата на идентитетот останува наша црвена линија

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија оцени дека посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претставува значајна потврда за успешното спроведување на реформската агенда и напредокот на државата во процесот на европска интеграција.

Од партијата посочуваат дека пораките од посетата покажуваат оти реформите што ги спроведува Македонија се препознаени од европските институции и дека резултатите се видливи на меѓународно ниво.

„Македонија денес е препознаена како една од најуспешните земји во регионот во спроведувањето на реформските процеси“, наведуваат од ЗНАМ, додавајќи дека особено значајна улога во реформскиот напредок имаат ресорите предводени од нивни кадри.

Според партијата, Министерството за правда и Министерството за јавна администрација реализирале политики што придонесуваат за зајакнување на правната држава, модернизација на администрацијата и усогласување со европските стандарди.

Од ЗНАМ сметаат дека признанието од европските партнери претставува дополнителен мотив за продолжување на реформите, но истовремено нагласуваат дека националното достоинство, идентитетот и државните интереси не смеат да бидат доведени во прашање.

„Заштитата на националното достоинство останува наша црвена линија“, порачуваат од партијата.

Во соопштението се наведува дека европската интеграција треба да се темели на вредности, критериуми и заслуги, а не на билатерални условувања. Од ЗНАМ истакнуваат дека членството во Европската Унија треба да биде резултат на исполнети критериуми и успешни реформи, а не на нови политички барања.

Партијата ја повторува својата поддршка за европската иднина на државата, нагласувајќи дека Македонија ќе продолжи да го следи европскиот пат преку реформи и конкретни резултати, но без отстапување од, како што велат, заштитата на националното достоинство и интереси.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk