logo
logo
logo

Детално: ШТО СЕ ГРАДИ ВО МОМЕНТОВ ВО МАКЕДОНИЈА и до каде е реализацијата

Vecer | 12.07.2026

Детално: ШТО СЕ ГРАДИ ВО МОМЕНТОВ ВО МАКЕДОНИЈА и до каде е реализацијата

Не е вест туку пракса која секој ја гледа. Во Македонија последниве две години се гради повеќе инфраструктура отколку за последните 20 години вкупно. И на државно, и на локално ниво, севкупно отворни се 1.200 градилишта за автопати, регонални и локални патишта, реконструкции на пат, се гради од ново или се реконструираат болници, школи, водоводи... 

Во моментов во општините низ Македонија се реализираат околу 1.200 инфраструктурни проекти со поддршка од Владата, а целта е да се подобри локалната инфраструктура што директно го олеснува секојдневниот живот на граѓаните, вели заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Според него, општините со години биле запоставувани, поради што Владата одлучила паралелно со големите инфраструктурни инвестиции да даде приоритет и на локалните проекти.

-Убаво е да зборуваме за брза пруга, автопати, експресни патишта и аеродроми, но прво луѓето кога ќе излезат од дома гледаат дали газат во кал, дали имаат атмосферска канализација, водовод, фекална канализација и уредени тротоари. Тоа е она што им е најважно на граѓаните. Ако тоа не го средите, нема поента да ги градите големите инфраструктурни проекти, изјави Николоски во гостувањето во поткастот „Радар“.

Тој нагласи дека токму затоа Владата најпрво се фокусирала на подобрување на локалната инфраструктура, а потоа и на инвестиции во градинки, училишта, амбуланти и болници, како основа за понатамошен развој.

Николоски, какошто информираат од Министерството за транспорт, се осврнал и на мерките за поддршка на стопанството, оценувајќи дека поволните кредитни линии значително ги поттикнале инвестициите во приватниот сектор.

Според него, компаниите добиле пристап до кредити со поволна каматна стапка што овозможило евтино финансирање.

-Кога на пазарот ќе понудите кредит со камата од 1,95 проценти, банките мора да ги намалат и останатите камати за да останат конкурентни. Нашата проценка е дека покрај 250 милиони евра обезбедени преку овие кредитни линии, компаниите повлекле уште околу 250 милиони евра редовни кредити, а инвестирале и најмалку исто толку сопствени средства. Тоа значи дека зборуваме за инвестициски циклус од најмалку 750 милиони евра во приватниот бизнис, рече Николоски.

Тој исто така повтори дека во Македонија во моментов се градат шест автопати истовремено, што е невидено во целиот регион. Динамиката на работите на секоја од овие делници се одвива одлично и во наредните години ќе имаме модерно патно поврзување во сите делови на државата, посочува заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Вицепремиерот детално информира за напредокот на сите автопатски проекти што во моментов се реализираат низ државата.

Како што информираат од Министерството за транспорт за автопатот Скопје–Блаце, Николоски потсетил дека веќе е потпишан Договорот за грант со кој се обезбедени околу 31 милион евра, што претставува околу 15 проценти од вредноста на проектот. Тој посочи дека избран е ГРАНИТ како изведувач, оценувајќи дека ова е позитивен момент за домашната градежна оператива.

Осврнувајќи се на автопатот Кичево-Охрид, министерот истакнал дека досега се изградени 37 километри, од кои 34 километри веќе се пуштени во сообраќај, а за летово најавил и нови делници за сообраќај.

Говорејќи за автопатот Гостивар–Букојчани, министерот рече дека градежните работи се одвиваат подобро од очекуваното.

-Иако се работи за ултракомплициран терен, немаме проблеми со експропријација ниту со пристап до градилиштето. Од 31 километар, колку што ќе биде долг автопатот, веќе се пробиени 17 километри.Ова е првиот автопат во Македонија што се гради истовремено од двата краеви, од правец на Гостивар и од правец на Букојчани и ќе го скрати патувањето за околу 15 километри, изјави тој.

Вицепремиерот Николоски очекува оваа делница целосно да биде завршена во втората половина на 2029 година, додека автопатот Тетово–Гостивар ќе биде завршен и порано.

Николоски најави и скорешен почеток на изградбата на делницата Букојчани–Кичево, долга 12 километри, која ќе го поврзе автопатот што го гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ со автопатот Кичево–Охрид.

-Проектот ќе се реализира со поддршка од Европската банка за обнова и развој и очекувам во следните десетина дена да биде избран изведувачот, по што ќе започне изградбата, изјави министерот за транспорт.

Осврнувајќи се на автопатот Битола–Прилеп, Николоски истакнал дека станува збор за најдолгиот автопатски проект што моментално се гради во државата.

-Динамиката на работите е добра и очекувам во првата половина на следната година во употреба да бидат пуштени првите 10 до 11 километри како целосно автопатско решение, изјави Николоски.

На крајот, тој нагласи дека со реализацијата на овие шест автопатски проекти, Македонија во следните години ќе добие современа и значително подобрена патна инфраструктура, оценувајќи дека ваков обем на истовремена изградба на автопати досега не е забележан ниту во земјата, ниту во регионот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk