logo
logo
logo

Народна Банка предупредува: Внимавајте со вложувањето во крипто-средствата!

Vecer | 16.02.2021

Народна Банка предупредува: Внимавајте со вложувањето во крипто-средствата!

Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично. Сите коишто вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања.

Ова е еден од одговорите на Народната банка на најчесто поставуваните прашања (ЧПП) кои стигнуваат до неа во врска со се попопуларните крипто валути.

„Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од исклучително високата променливост на нивната пазарна цена, што значи дека за краток временски период се можни исклучително високи промени во пазарната цена на крипто-средствата (како во нагорна, така и во надолна насока). Сите кои вложуваат треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула“, велат од Народната банка.

Притоа, нагласуваат дека при вложувањето во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, посебно во услови на развој на голем број децентрализирани инфраструктури врз коишто се заснова поседувањето на крипто-средствата и нивната нерегулираност во глобални рамки.

Со оглед на тоа дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависат од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење имот.

„Финансиските институции можат да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства, доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам“, се вели во еден од одговорите на ЧПП.

Исто така, се додава дека вложувањата во крипто-средства не се гарантирани и не постои механизам преку кој лицата ќе бидат обесштетени.

Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот кој издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства.

Темата стана исклучително актуелна во јавноста, откако вредниста на крипто валутите се вивна до рекордни износи.

Од Народната банка велат дека постојано ги разгледуваат релевантните прашања во врска со крипто-средствата, вклучително и нивниот третман во глобални рамки.

„Имајќи ја предвид и актуелноста на оваа тема на глобално ниво, во изминатиот период, тимот на Портата за иновации на Народната банка се осврна и на најчесто поставуваните прашања во јавноста, со цел да им даде соодветни препораки на сите лица од нашата земја коишто се интересираат за крипто-средствата, се вели во соопштението до медиумите.

Одговорите на најчесто поставуваните прашања се достапни и на интернет страницата на НБ на следнава ВРСКА.

Инаку, од Народната банка уште посочуваат дека како и во други земји, така и кај нас, нема општо прифатена дефиниција за крипто-средствата.

Во основа, крипто-средствата се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем.

Како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата.

„Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата земја. Согласно со постојната регулатива, плаќањата во земјата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот, се вели во соопштението до медиумите.

„Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво“, велат од Народната банка.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk