logo
logo
logo

Данска: Отворена шанса за членство, Македонија треба да ги исполни условите

Vecer | 18.06.2025

Данска: Отворена шанса за членство, Македонија треба да ги исполни условите

Данската министерка за европски прашања, Мари Бјере, денеска ја повика Македонија да ја искористи ретката шанса за проширување на Европската унија. Оваа порака доаѓа непосредно пред Копенхаген да преземе претседателство со Унијата, со најава дека во тој период проширувањето ќе биде еден од главните приоритети. Според Бјере, геополитичките предизвици и руската агресија се причина за зголемен фокус на ова прашање, но таа нагласи дека на Македонија ѝ претстојат конкретни чекори кои мора да се исполнат на патот кон Унијата.

„Како идно претседателство не можеме сами да ги направиме овие промени. Потребна е заедничка и конструктивна работа, затоа сум тука – да градиме партнерство со Северна Македонија и да видиме како да забрзаме напредокот. Очекуваме од земјата да направи напори и да ги спроведе потребните реформи за членство во ЕУ. Ние ќе направиме сè што е во нашата моќ за да помогнеме.“

Мари Бјере, министерка за европски прашања на Данска

Министерот за европски прашања на Македонија, Орхан Муртезани, нагласи дека патот кон ЕУ треба да се води според Копенхашките критериуми - тие се јасни, објективни и применливи за сите кандидати.

„Кога процесот се соочува со политички и билатерални притисоци, овие критериуми се нашата главна гаранција. Тие потсетуваат дека европската интеграција мора да се базира на демократијата, владеење на правото и стабилна пазарна економија, а не на теми надвор од тие вредности.“

Орхан Муртезани, министер за европски прашања на Македонија

Муртезани подвлече дека прашањата меѓу соседите мора да најдат соодветно решение, без да влијаат негативно врз пристапниот процес во ЕУ.

Покрај уставните измени, Македонија има обврска до Европската комисија да достави три патокази: за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и за функционалност на демократските институции, како и Акциски план за малцинските права. Трите патокази се речиси усогласени со Европската комисија, додека Акцискиот план веќе е испратен до Советот на Европа и се очекуваат нивните коментари, по што ќе биде усвоен и официјално доставен до Европската комисија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk