По одлуката на Обвинителството да ја запре постапката за тендерот за мазут во ТЕЦ Неготино, тежок вртоглави 167 милиони евра, ВМРО-ДПМНЕ излезе со барање за оставка на Ислам Абази. Од партијата обвинуваат за заштита на криминалот, бидејќи со оваа одлука практично се амнестираат Васко Ковачевски, Ратко Капушевски и синот на пратеникот од ДУИ, Асмир Јахоски.
Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонијо Милошоски обвини за заштита на криминалот, бидејќи, како што рече, со оваа одлука практично се амнестираат Васко Ковачевски, Ратко Капушевски и синот на пратеникот од ДУИ, Асмир Јахоски.
– Ислам Абази, соседот на Али Ахмети од Зајас, си ја одработува добиената функција шеф на ОЈО ГОКК, и по насока на триото Филипче, Ахмети и Заев, донесе одлука да се запре судска постапка во која осомничени меѓу другите беа и членот на СДС и бегалец од правдата Васко Ковачевски, и синот на пратеник од ДУИ, Асмир Јахоски и Ратко Капушевски. Целата јавност во овој скандалозен случај, виде перење пари, криминал и труење на животната средина, само Ислам Абази не виде ништо. Постапката е запрена. Бегалецот е слободен. Довербата во правосудството од 2 проценти, со обвинители како Ислам Абази ќе падне и на 1 процент, реагира денеска на прес конфренеција Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
Обвинителството вели дека немало докази, а Милошоски прашува: зарем бегството на Васко Ковачевски не е доказ или силна индиција дека осомничениот бега од правдата?
– Ковачевски не е во Македонија. Побегна кон крајот на 2024 година и оттогаш за органите на прогонот не е достапен. И наместо тоа да биде дополнителна индиција и мотив Обвинителството да го води овој случај, за обвинителот Абази тоа стана решение да го затвори овој случај. Нема присутен обвинет, нема водење постапка, особено не ако припаѓаат на спонозорите на Ислам Абази. Ова е трагичната шема по која работат остатоците од власта на СДС и ДУИ во судството и обвинителството – рече Милошоски.
Тој потсети дека Антикорупциската комисија утврдила дека на фирмата РКМ ѝ биле платени повеќе пари за помалку доставен мазут. Дури 18.000 тони помалку мазут е скапо наплатен. Парите отишле во нечии џебови, а мазутот не дошол. Сега кажуваат дека нема штета. Дека сè било законски исклучок. Дека енергетската криза оправдувала секаква постапка. Но, ниедна енергетска криза не оправдува анекси кои менуваат услови во корист на ист добавувач и плаќање на недоставен мазут.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата