logo
logo
logo

ВАКА ИЗГЛЕДА ПЛАНОТ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА, фалат само вакцини

Vecer | 01.02.2021

ВАКА ИЗГЛЕДА ПЛАНОТ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА, фалат само вакцини

  • Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција
  • За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктира и кадарот кој досега ја спроведува вакцинацијата
  • Останува само да дојдат вакцини за да може сето тоа да се реализира

Состојбата со Ковид-19 во земјава останува стабилна, но остануваат и препораките за почитување на мерките за заштита, особено по појавата на новиот британски сој на коронавирусот во земјава. Се чека да пристигнат првите дози вакцини и да почне вакцинацијата со цел сузбивање на епидемијата.

Од Министерството за здравство велат дека според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе биде спроведена во три фази.

-Развивме безбедена и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови кадешто ќе се спроведува вакцинацијата. Ќе ја користиме постоечката здравствена инфраструктира и кадарот кој досега вакцинира. Листите за кои први лица ќе се вакцинираат се подготвени, а со имунизацијата ќе го спречиме ширењето на вирусот, потенцираат од Министерството.

Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Во втората фаза, предвидено е да се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, кои не се опфатени во првата фаза, лица на возраст од 65 години и постари. Во планот за вакцинација, опфатени се и лицата на возраст од 20-65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход. Здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција, вработени во витални институции за нормално функционирање на општеството, како и вработени во образовни институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки.

Во третата фаза, опфатени за вакцинација се приоритетните групи: останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30-64 години.

За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктира и кадарот кој досега ја спроведува вакцинацијата. Во прв ред, тоа се превентивните служби за имунизација во рамки на Здравствените домови во кои се врши задолжителната имунизација и епидемиолошките служби во Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици, во кои се врши имунизација по епидемиолошки и клинички индикации.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk