„Макпетрол“ од полноќ ја намали малопродажната цена на течен нафтен гас односно плин за пет денари по литар, од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е евидентирано намалување од десет денари по килограм, што во пресметка значи приближно пет денари по литар, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.
-Она што е особено значајно е дека и останатите компании на пазарот го следат овој тренд. Во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од пет до шет денари по литар и се движат од 53 до 54 денари. Почитувани, ова не е уште еден изолиран чекор, туку системска реакција на пазарот која доаѓа како резултат на јасен институционален сигнал и координација, рече Митева.
Таа истакна дека ова намалување не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку е резултат на анализа од страна на ДПИ и преку договор и преземена одговорност од страна на трговците, за намалување на бруто маржите. Постигнавме согласност, продолжи Митева, овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период, да немаме осцилации коишто сега ќе ги имаме, оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека за повеќе од 10 отсто во трговијата на големо и за 9 до 10 отсто во малопродажба ќе имаме намалување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата