Пак се отвори прашањето за двојните државјанства кај пратениците и другите државни функционерите – тема што со години се провлекува, но без краен епилог. Владеачкото мнозинство сега е решено да нема повеќе пратеници кои ќе имаат по два пасоши. Добро е ако овој пат тоа се реши и затвори како прашање.
Ама, веднаш тргнаа меѓупартиските препукувања. СДСМ инсистира забраната за двојно државјанство да важи за сите функционери. И сега за жал се очекува долги и мачни натегања и меѓусебни обвинувања.
А всушност не се воочува дека на Македонија маката помалку и доаѓа од тие кои имаат двојно државјанство. Проблемот на државата е што многумина функционери кои имаат само македонски пасош носат одлуки што повеќе угодуваат на странски интереси.
Тоа е проблемот. Македонија памети врвни политичари кои дури велеа: Ние сме ист народ со Бугарите и тоа во време кога Софија го негира нашето постоење. Безброј се примерите каде она што ќе го побараше од нас странски дипломат за наши функционери тоа стануваше закон или библија.
Дури и вчера – кога премиерот истакна дека Македонија се чувствува како жртва на „булинг” од земја членка на ЕУ, од СДСМ веднаш беше критикуван дека ваквата изјава ја претставуваат Европа како „силеџија”, што било недозволиво. ЧИЈ ИНТЕРЕС БРАНАТ - ВАКВИТЕ?!
И која е придобивката за земјата што сите кои вака сервилно постапуваат имаат само македонски пасоши?
На Македонија и фалат политичари кои ќе ги имаат за приоритет македонските интереси. А тоа се постигнува со чесност и одговорност, а помалку со некакво имање или немање на некаква патна исправа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата