logo
logo
logo

Општината најави мерки

(Фото) „ТЕРСЕНЕ“ СОСЕД ИСТУРИЛ МАСЛО - Оштетни реквизити за дечиња во Кисела Вода

Vecer | 10.07.2026

(Фото) „ТЕРСЕНЕ“ СОСЕД ИСТУРИЛ МАСЛО - Оштетни реквизити за дечиња во Кисела Вода

Жителите на Кисела Вода деновиве се соочиле со непријатна глетка. Врз реквизитите на детското игралиште во паркчето на улицата „Ѓорѓи Сугаре“ било истурено масло. Тие се револтирани и бараат надлежните да преземат нешто за да се вратат реквизитите во првобитната состојба. Сметаат дека тоа е дело на некој нивни повозрасен сосед, кому, како што велат, му пречат играта и џагорот на децата.

Тие предлагаат да се постават камери и светла, а полицијата да патролира.

– Не можам да разберам колку чини и што е тешко да се стават соларни светла. Нема едно осветлено паркче во Кисела Вода. Денот е голем, ние со мали деца сме принудени, штом се стемни, да си одиме и веднаш доаѓаат деца од 10 години и повозрасни и пред нас трчаат, удираат, кршат, расфрлаат ѓубре – вели жителка на Кисела Вода.

Од Општина Кисела Вода одговорија дека се целосно запознаени со инцидентот на детското игралиште на улицата „Ѓорѓи Сугаре“ и, по добиената пријава, нивните служби веднаш излегле на терен и извршиле детален увид на состојбата.

– Веќе е издаден налог за чистење и санација на реквизитите во најбрз можен рок, така што уште следната недела игралиштето ќе биде вратено во првобитната состојба и дечињата ќе можат повторно безбедно и слободно да го користат – уверуваат од локалната самоуправа.

Тие најостро го осудија овој, како што го нарекоа, срамен и вандалски чин.

– Пораката што се испраќа преку намерно уништување место каде што се радуваат најмладите, е навистина лоша. Како локална самоуправа, ние континуирано инвестираме сериозни средства за изградба на нови и за целосна обнова на постојните детски игралишта и паркови. За жал, ваквите постапки на несовесни поединци значат дека залудно се трошат овие ресурси, односно наместо во нови проекти за граѓаните, средствата мора да се пренасочуваат за поправки и за чистење на нешто што веќе било направено – потенцираат од Општина Кисела Вода.

Притоа, за да се спречат вакви инциденти во иднина, Општината најави дека ќе воведе засилен инспекциски надзор на јавните површини.

Истовремено, од Општината упатија силен апел до сите граѓани доколку забележат вакво или слично деструктивно однесување, веднаш да пријават до надлежните институции за да биде сторителот соодветно казнет.

– Чувањето на јавните добра е наша заедничка, граѓанска должност – децидни се од локалната самоуправа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk