СДСМ со Венко Филипче се бетонира како петта партија во Скопје, а четврта во Куманово и во Брвеница, обвинува групата „Разговори за иднината во 12:05“. Незадоволните социјалдемократи бараат оставка од партискиот лидер по изборниот резултат во Брвеница. Тие тврдат дека сегашното раководство ја води партијата кон нови порази.
„Сите останати се борат да победат само Филипче и фракцијата слават и кога губат. Четвртото место на СДСМ во Брвеница е директна одговорност на ова раководство на партијата“, се наведува во соопштението.
Организаторите оценуваат дека раководството пропуштило можност за политички пресврт во предизборната кампања. Според нив, скандалите со Ива Михајлова и со Артан Груби можеле да бидат искористени за посилна опозициска борба.
„После скандалите со Ива Михајлова и Артан Груби, кои се случија за време на предизборната кампања, раководството на СДСМ имаше реална можност да направи пресврт. Но, наместо на терен вистински да се бори против власта Венко Филипче секојдневно измислува нови лаги“, обвинуваат од групата.
Во соопштението се наведува дека кандидатот на СДСМ во Брвеница, Јовица Радески, бил доведен пред свршен чин. Според организаторите, неколку истакнати членови претходно одбиле да ја прифатат кандидатурата.
„Другарот Јовица Радески беше доведен пред свршен чин откако претходно неколку истакнати членови не прифатиле кандидатура. Не сакаме да дозволат во вториот круг некој зад нивен грб да им ги пазари гласовите“, наведуваат тие.
Организаторите му честитаат на Радески за достоинствениот настап во кампањата. Истовремено, оценуваат дека изборниот резултат покажува колку е ослабена поддршката за СДСМ.
„Жалиме што СДСМ во Брвеница има повеќе гласови само од двајца независни кандидати што е уште една потврда во каква агонија е партијата со ова дезориентирано раководство. Не постои поголемо понижување за историјата на СДСМ од нивниот очај дека освоиле 225 гласа повеќе во споредба со 2025“, се наведува во соопштението.
Групата го оспорува начинот на кој раководството ги претставува изборните резултати. Според неа, се премолчува дека кандидатот за градоначалник освоил 57 гласа помалку од советничката листа на СДСМ пред една година.
Организаторите упатуваат и потешки политички обвинувања кон Филипче, поврзувајќи го неговото раководење со изборните успеси на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче е полномошникот кој единствено има овластување да го држи СДСМ во заложништво и така да му испорачува на ВМРО-ДПМНЕ уште една победа на парламентарни избори во замена за слобода“, се наведува во соопштението.
Групата бара Филипче на следната седница на Централниот одбор да одговори на неколку прашања. Меѓу нив е и прашањето колку партиски анкети покажуваат дека СДСМ повеќе не може да освои пратенички мандат во шестата изборна единица.
„Колку анкети направени за потребите на раководството на СДСМ покажуваат дека партијата во изборната единица 6 веќе не може да се надева на ниту еден пратенички мандат? Кој и зошто повторно ја актуелизира идејата за влез на ова раководство на СДСМ во Владата на Христијан Мицкоски?“, прашуваат организаторите.
Тие поставуваат и директно прашање за заминувањето на Филипче од партиското седиште. Повторно го повикуваат да го прифати нивниот план за структурни реформи во СДСМ.
„Уште што треба да му се случи на СДСМ за тој и неговата фракција да разберат дека треба веднаш и без одлагање да ја напуштат „Бихаќка“?“, прашуваат од групата.
Во завршниот дел од соопштението организаторите уште еднаш го повикуваат Филипче да ги прифати предложените промени.
„Пред да стане предоцна Венко Филипче треба уште еднаш да го прочита и без обиди за пазарање конечно да го прифати нашиот план за структурни реформи во СДСМ. Доколку уште не ги разбира пораките на гласачите може да му ги објасни неговиот врховен политички авторитет“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата