Владата во моментов е фокусирана на завршување на процедурите за доизградба на Клиничката болница во Штип, изградба на Факултетот за медицински науки и Студентскиот дом во Штип, како и за болниците во Кичево и Тетово.
Додека течат постапките за овие проекти, Владата веќе размислува и за изградба на нов модерен Клинички центар во Скопје, истакна на денешната прес-конференција претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој одговараше на новинарско прашање кога би можеле да почнат процедурите и колку брзо би можеле да се одвиваат за изградба на новиот објект на Клиничкиот центар во Скопје.
Премиерот Мицкоски посочи дека за болниците во Штип, Кичево и Тетово и за нов Факултет за медицински науки и Дом за студенти во Штип имале меѓународен повик, за да се пронајдат финансиери за овие проекти.
– Тука веќе имавме меѓународен повик за да најдеме финансиери и веќе имаме понуди кои што се необврзувачки, индикативни, кои што се понуди за нас, би рекол, навистина поволни и прифатливи.
Овие проекти треба да ги завршиме, а логично е дека во меѓувреме размислуваме и за големиот Клинички центар кој што во Скопје би требало да се изгради. Разгледуваме една локација. Тоа е локацијата пред базенот „Борис Трајковски“, бидејќи таа локација е на два булевара, пристап до гас, блиску до обиколницата, што значи не само за главниот град и Македонија како држава, туку може од соседните држави да привлекуваме пациенти, кои што ќе ги користат услугите на овој, би рекол, како што е нашиот план, ултрамодерен Клинички центар. Но, таа парцела е приватна сопственост.
Преговараме со сопственикот да видиме дали можеме да најдеме замена за таа парцела, да ја добие државата, потоа со специјален закон да се смени намената на истата – изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека планот е и под булеварот „Илинденска“ да се направи топол подземен премин, кој што ќе се поврзе со постоечката „8-ми Септември“ и ПЕТ центарот поликлиниката „Букурешт“.
– Значи еден целосен заокружен комплекс ќе опфати овој проект. Знаете дека имавме една голема инвестиција во „8-ми Септември“, болницата. Бевте присутни, видовте, навистина најсовремена опрема, единствена на Балканот.
Тоа е нашата амбиција и откако ќе ја завршиме процедурата со овие претходни проекти, тоа ќе биде главниот фокус на на нашите приоритети. Овој долго најавуван проект да го направиме онаму каде што треба да биде и онаму каде што му е местото и каде што ќе можат граѓаните да го користат.
Така што, на овој начин цениме дека не само што ќе ја развиваме државата, туку и ќе одговориме на потребите на граѓаните онаму каде што се најпотребни-вели Мицкоски.
Прашан за временската рамка, Мицкоски со одговор дека ако се е во ред очекува веќе следната година ќе има и почеток на активности за изградбата на новиот ултрамодерен Клинички центар во Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата