Не постои повистински начин да се одбележи Денот на свесноста за аутизмот, од тоа да се вложи во подобрување на условите, поддршката и секојдневието на овие прекрасни деца, во нивниот развој, нивната сигурност и нивната можност да го изразат својот уникатен свет, истакна градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски..
Денес Ѓорѓиевски заедно со сопругата, донираа реквизити за сензорна соба во градинката ,,8 Март” во Кисела Вода, со цел да се олесни нивната комуникација, концентрација и емоционална регулација, создавајќи средина во која тие ќе се чувствуваат прифатени, смирени и разбрани.
„Сакам искрено да ѝ се заблагодарам на Мартина, но и на оние неколкумина луѓе кои заедно со неа веќе подолг период посветено го подготвуваат овој процес.
Нивната грижа и љубов кон оваа категорија на дечиња се длабоки, искрени и трајни.
Благодарам што се вложувате и што со својата посветеност правите вистинска разлика, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски посочи дека преку разновидни сензорни стимули собата ќе има значајна улога во развојот на нивните когнитивни и социјални вештини, како и во подобрување на нивната самостојност и способност за активно вклучување во општеството.
„Заложбата за создавање еднакви услови за сите наши граѓани, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, е од исклучителна важност.
Таа не само што ја намалува стигматизацијата, туку и го гради општеството на разбирање, почит и вистинска инклузија кон кое сите се стремиме.
Како семејство ќе продолжиме да го правиме она што со години го знаеме – да даваме љубов и грижа, искрена, особено на дечињата, затоа што секое дете заслужува еднаква шанса, поддршка и безусловна љубов“, нагласи градоначалникот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата