logo
logo
logo

РЕЦИПРОЦИТЕТ И ИСПОЛНУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ НА БУГАРИЈА, а не нови отстапки, услови и национални понижувања - велат од ВМРО-ДПМНЕ

Vecer | 03.06.2026

РЕЦИПРОЦИТЕТ И ИСПОЛНУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ НА БУГАРИЈА, а не нови отстапки, услови и национални понижувања - велат од ВМРО-ДПМНЕ

Македонија не смее повеќе да води политика на потчинување и еднострани отстапки кон Бугарија, како што нудат СДС и Венко Филипче. Билатералните прашања мора да се решаваат врз основа на реципроцитет, меѓусебно почитување и исполнување на обврските од двете страни. Потребен е дијалог а Бугарија да ги исполни своите обврски, Македонија нема да прифаќа нови условувања, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Во текстот се додава:

Венко Филипче и СДС повторно ја промовираат истата политика на попуштање и сервилност, која со години ги поткопуваше македонските национални позиции. Филипче ги повторува и нуди истите грешки на Заев и Ковачевски кои ја ставија земјата во ќор-сокак.

Венко Филипче сѐ почесто настапува со позиции кои се совпаѓаат со официјалните ставови на Софија, наместо со ставовите и интересите на македонските граѓани. Наместо да бара реципроцитет и почитување на македонските позиции, тој нуди нови отстапки и враќање кон политиките кои граѓаните веќе ги отфрлија.

Наместо СДС и Филипче да ги бранат државните интереси, тие се подготвени на нови отстапки без никакви гаранции и резултати за Македонија.

Граѓаните јасно порачаа дека ја поддржуваат европската иднина на државата, но не по цена на нови понижувања, условувања и негирање на националниот идентитет. Европската интеграција не смее да биде процес во кој само Македонија исполнува обврски, додека другата страна останува без одговорност.

Националните интереси и идентитет не смеат да бидат предмет на преговори и отстапки.

Времето на еднострани отстапки заврши, време е за реципроцитет.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на европскиот пат, но нема да прифати уцени, диктати и дополнителни барања кои не се дел од европските критериуми. Очекуваме и Бугарија да ги исполни своите обврски, вклучително и почитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи достоинствено, одговорно и принципиелно да ги брани државните и националните интереси и нема да дозволи евроинтегративниот процес да се претвори во средство за нови уцени кон македонскиот народ и држава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk