logo
logo
logo

Немаат доблест ни да се извинат

НОТА СО РОК НА ТРАЕЊЕ?! - Муцунски ја нападна безбедносната култура на Софија

Vecer | 26.06.2026

НОТА СО РОК НА ТРАЕЊЕ?! - Муцунски ја нападна безбедносната култура на Софија

Ужасно сум разочаран од одговорот што дојде од Софија, вели шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски коментирајќи го вчерашното соопштение на Министерството за надворешни работи на Бугарија во врска со објавувањето во јавност на дипломатската нота за патување на членови на најтесното семејство на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово на почетокот на годината.

За потсетување, во соопштението бугарското МНР негира дека споделило дипломатската нота поврзана со посетата на Бугарија на сопругата и помалиот син на премиерот Мицкоски и наведува дека информациите што деновиве циркулираат во јавност се однесуваат на вербална нота од 6 јануари годинава и се за настани што поминале одамна.

Муцунски во синоќешното гостување во „Само интервју“ на телевизија Канал 5, рече дека во соопштението нема јасен демант дека документот протекол од Министерството за надворешни работи на Бугарија и единствениот одговор што бил даден во него во суштина е дека патувањето се случило одамна.

„Одговорот во суштина беше дека одамна се случило. Не беше ни јасен демант, туку одамна се случил инцидентот“, вели шефот на македонската дипломатија.

Муцунски вели дека најмалку што очекувал од официјална Софија е осуда за објавувањето на дипломатската нота, притоа правејќи паралела со начинот на кој македонското МНР и институциите во земјава дејствувале и веднаш го осудиле палењето на двете дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје што се случи неодамна.

„Очекував осуда, да се каже дека се згрешило, како што ние осудивме дејствија на наша територија, наместо да кажеме дека некој друг го направил, кажавме дека се случило нешто што не смеело да се случи, го осудивме чинот и институциите веднаш постапија. Така се однесува одговорна држава, тоа е цивилизациска вредност, бидејќи тој што работи може да згреши, но треба да има капацитет да се извини“, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија.

Аргументирајќи го својот став, тој посочи дека во јавноста се споделени податоци за сопруга на претседател на влада на земја членка на НАТО и за малолетно лице, како и податоци за прашања поврзани со безбедносни протоколи на заштитени лица, што, како што наведе, не е мала грешка, туку станува збор за сериозен пропуст во безбедносната култура на министерство за надворешни работи на земја членка на НАТО.

Во тој контекст, Муцунски рече дека грешки се случуваат, но бугарските власти требало да покажат капацитет да се јават и да кажат дека тоа не требало на дојде и дека ќе истражат како се случило документот да излезе во јавност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk