Секоја година, според Заводот за статистика, во Македонија доаѓаат илјадници туристи кои поминуваат и по 10.000 километри за да дојдат овде. Посетители има од Јужна и Северна Америка, од азиските земји, додека луѓето од Африка поретко патуваат во Македонија.
Tуристичкиот водич Лиде Стојановска објаснува дека причините зошто странците од далечни земји се решиле да ја посетат Македонија се различни.
„Како туристички водич со долгогодишно искуство, можам да кажам дека причините се различни. Поголемиот дел од туристите од Јужна и Средна Америка не доаѓаат исклучиво за Македонија, туку ја посетуваат како дел од поширока балканска тура што најчесто вклучува неколку земји, дури и подолга европска тура.
Сепак, многумина токму во Македонија ги доживуваат најавтентичните искуства и ја издвојуваат како едно од најпријатните изненадувања на патувањето. Она што ги привлекува е комбинацијата од богата историја, културно наследство, прекрасна природа, традиционална гастрономија и гостопримството на луѓето.
За нив е особено интересно што можат да посетат места како Охрид, Скопје, понекогаш и Кратово, Битола или други помалку познати места, кои не се масовни туристички дестинации, а нудат исклучително богато искуство“, рече Стојановска.

Таа додава дека дел од нив покажуваат интерес за историјата на Балканот, православното наследство и локалните традиции.
„Во време кога многу познати европски дестинации се преполни со посетители, Македонија им нуди можност да откријат нешто ново, поавтентично и помалку комерцијализирано. Затоа, иако патуваат повеќе од 10.000 километри, нивната мотивација е желбата да запознаат поинаква култура, нови луѓе и места кои сè уште не се наоѓаат на врвот на светските туристички мапи, а токму тоа за многумина е најголемата вредност на патувањето“, вели Стојановска.

Лани во Македонија дошле 2.164 туристи од Бразил кои оствариле 3.559 ноќевања. Од други земји од Јужна и Средна Америка во 2025 година во земјава допатувале 3.698 туристи, кои реализирале 5.505 ноќевања. Податоците се од Државниот завод за статистика(ДЗС). Од САД лани се евидентирани 22.501 турист, а од Канада 3.065 посетители.
Од Азија, доминираат кинеските гости. Од Јапонија лани дошле 2.317 туристи, од Кина 9.877, од Кореја 1.640, а од другите азиски земји имало 14.549 туристи.
Од Австралија лани сме имале 9.274 туристи, од Нов Зеланд 561. Од Јужна Африка лани сме имале 144 туристи, додека од другите африкански земји допатувале 993 посетители.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата