logo
logo
logo

Се штитат меѓусебе

ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА КУЌЕН ПРИТВОР И ОДЗЕМАЊЕ НА ПАСОШОТ ЗА СУДИЈАТА РИСТОВ КОЈ СОЅИДАЛ 350.000 ЕВРА

Vecer | 20.01.2026

ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА КУЌЕН ПРИТВОР И ОДЗЕМАЊЕ НА ПАСОШОТ ЗА СУДИЈАТА РИСТОВ КОЈ СОЅИДАЛ 350.000 ЕВРА

Предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска го сослуша осомничениот апелациски судија Ѓоко Ристов и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар, соопшти ОЈО ГОКК.

Во домот на родителите на Ристов во Неготинско во неделата беа пронајдени соѕидани 350.000 евра.

„Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор. Освен оваа мерка, предложено е и определување мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, соопшти Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Обвинителството прецизира дека судијата Ристов е осомничен за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот по член 359-а став 3 од Кривичниот законик, како и за Перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 од КЗ. За делото 359-а став 3 е предвидена затворска казна од една до 5 години, а за перење пари од една до 10 години.

Обвинителството вчера не даваше никакви информации на јавноста дали е приведен осомничениот судија, кај кого во неделата беа пронајдени соѕидани 350.000 евра, конкретно, во куќата на неговите родители на подрачјето на Неготино.

Во неделата полицијата соопшти дека по барање на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, а врз основа на издадена судска наредба извршиле претрес на дом и други простории на подрачје на Неготино, заради пронаоѓање на предмети кои потекнуваат од сторени кривични дела.

„При претресот во соѕидан простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра. за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени“, соопшти полицијата.

Од ОЈО ГОКК потврдија дека соѕиданите пари се пронајдени кај судијата Ѓоко Ристовски.

„Во рамките на опсежна истрага иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени“, соопшти ОЈО ГОКК.

Истрагата беше насочена кон судијата Ристов откако поранешниот државен правобранител, сега адвокат, Фехми Стафа заврши во притвор поради сомневање дека примил 50.000 евра мито. Како што претходно информираше Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50.000 евра со цел да посредува и да влијае врз судија од Апелациониот суд Скопје, во врска со предмет што се водел против негов клиент. Непосредно по примањето на парите, Стафа беше уапсен.

Лицето за кое, според обвинителските наводи Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот. Тој по бегството не заврши во притвор, туку, на барање на ОЈО ГОКК, судот му определи куќен притвор. Според Обвинителството, Пецов немало да биде безбеден во затворски притвор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk